СКОПЈЕ СТАНА ЦЕНТАР НА ЕНЕРГЕТСКАТА ДИПЛОМАТИЈА Амбасадори, министри и светски институции на првиот форум
Првиот Форум за енергетска дипломатија обедини претставници на Европската комисија, Обединетите нации, Светската банка, ЕБОР и водечки енергетски компании.

Скопје беше домаќин на првиот Форум за енергетска дипломатија, кој собра високи дипломатски, политички, институционални и бизнис-претставници од регионот и пошироко, отворајќи дискусија за енергетските предизвици и идната меѓународна соработка.
На форумот учествуваа амбасадори, претставници на дипломатски мисии, министри, високи владини претставници, меѓународни организации, финансиски институции, домашни и странски компании, како и експерти од енергетскиот сектор, информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Меѓу присутните беа претставници на Европската комисија, Обединетите нации, УНДП, УНЕЦЕ, Светската банка, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Меѓународната агенција за енергетика и ENTSO-E.
Еден од најзначајните резултати на форумот е Скопската декларација за жените во енергетската дипломатија, со која се испраќа порака за зајакнување на женското лидерство и поголемо учество на жените во процесите на донесување одлуки.
Документот предвидува поттикнување на соработката меѓу жените во енергетскиот сектор на национално, регионално и меѓународно ниво, како и нивна поголема вклученост во креирањето на енергетските политики.
Во рамки на дискусиите беа отворени повеќе значајни теми, меѓу кои женското лидерство во енергетиката, енергетската безбедност, развојот на обновливите извори на енергија и можностите за зелено финансирање. Форумот овозможи размена на искуства и идеи, но и воспоставување нови контакти и партнерства меѓу институциите, компаниите и меѓународните организации.
Форумот го организираше Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации, УНДП и УНЕЦЕ. Од Министерството оценуваат дека средбата потврдила оти енергетските предизвици не можат да се решаваат изолирано, туку бараат заеднички пристап, доверба и посилна регионална и меѓународна соработка.
„Вистинската вредност на ваквите средби е во поврзувањето на луѓето, институциите и идеите. Енергетската иднина не се гради изолирано, туку преку дијалог, партнерства и заедничка одговорност“, наведуваат од Министерството.

