НАЈГЛАСНИОТ МЕДИУМСКИ БРАНИТЕЛ НА ВУЧИЌ ЗАД РЕШЕТКИ Навреди, скандали, судски постапки, кој е Драган Вучиќевиќ
Сопственикот на „Информер“ со години важи за еден од најжестоките поддржувачи на политиката на Александар Вучиќ. Неговата кариера ја одбележаа бројни контроверзии, напади врз политичките противници и судски постапки, а сега е уапсен под сомнение за две кривични дела.

Драган Ј. Вучиќевиќ е една од најконтроверзните личности на српската медиумска сцена. Како сопственик и главен уредник на таблоидот „Информер“ и истоимената телевизија, тој со години е меѓу најгласните медиумски поддржувачи на Српската напредна партија (СНС) и политиката на поранешниот српски претседател Александар Вучиќ.
Пошироката јавност го препознава по остриот и навредлив речник кон политичките противници на власта, нападите врз студенти, новинари и граѓански активисти, како и по низа изјави што предизвикаа остри реакции во Србија.
Неговата медиумска кариера, обележана со контроверзии и критики од новинарските здруженија, повторно се најде под лупа по неговото апсење. Но, кој е човекот кој со години важи за еден од најгласните медиумски гласноговорници на политиката на Вучиќ?
Вучиќевиќ во текот на кариерата работел во неколку познати српски редакции, меѓу кои „Политика“, „Блиц“, „Глас јавности“ и „Демократија“. Учествувал и во создавањето на неколку дневни весници кои оставија белег на српската таблоидна сцена, како „Национал“, „Курир“ и „Прес“. Во 2012 година, кога Српската напредна партија дојде на власт, го основа таблоидот „Информер“. Компанијата „Инсајдер тим“, преку која функционира медиумот, била регистрирана во март истата година.
Според податоците на истражувачката платформа „Медиумска сопственост монитор“, Вучиќевиќ е единствен, односно 100-процентен сопственик на компанијата. Со текот на годините, „Информер“ прерасна во еден од најпознатите српски таблоиди, а бизнисот подоцна се прошири и со телевизиски канал.
Уредувачката политика на „Информер“ со години е предмет на критики поради изразената политичка наклонетост кон владејачката СНС. Во емисиите на телевизијата најчесто гостувале аналитичари и коментатори кои ја поддржувале политиката на партијата, додека претставниците на опозицијата ретко добивале простор.
Вучиќевиќ, пак, никогаш не ја криел блискоста со Александар Вучиќ. Во јавните настапи отворено зборувал за нивното пријателство и со години бил меѓу најгласните бранители на политиката на тогашниот српски претседател.
Контроверзиите околу Вучиќевиќ не се однесуваат само на уредувачката политика на неговите медиуми. Во април 2023 година, тој заврши во затвор поради неплатена парична казна во постапка за кривично дело навреда, поведена по тужба на новинарот Југослав Ќосиќ. Во затвор помина неколку дена, по што казната од 200.000 динари ја плати неговата вонбрачна сопруга.
Вучиќевиќ тогаш своето заминување во затвор го претстави како протест против казнувањето за изговорени зборови. На почетокот на ноември 2026 година повторно се најде во центарот на судски случувања, откако се соочи со обид за приведување по судска наредба во друга постапка за навреда. Тој тврдеше дека станува збор за обид да му се оневозможи учество на седницата на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ).
Кон средината на ноември адвокатот Иван С. Петровиќ објави дека поднел кривична пријава против Вучиќевиќ и компанијата „Инсајдер тим“, во име на 97 граѓани. Во пријавата се наведуваат сомневања за повеќе кривични дела, меѓу кои поттикнување национална, расна и верска омраза и нетрпеливост, загрозување на безбедноста, како и предизвикување паника и неред.
Вучиќевиќ и претходно беше изложен на критики поради начинот на кој во своите емисии ги третираше студентите и граѓаните кои протестираат против власта. Особено остри реакции предизвикаа случаите во кои тој објавувал лични податоци на студенти.
Еден од најостро осудуваните негови јавни настапи беше поврзан со Дијана Хрка, мајката на младиот човек кој загина при падот на балдахинот, а која протестираше и штрајкуваше со глад пред српското Собрание барајќи правда. Вучиќевиќ на социјалните мрежи објави навредлив коментар во кој тврдеше дека Хрка била доведена на штрајк со глад директно од слаткарницата „Пеливан“, а демонстрантите ги нарече „гадови“.
Дополнителни реакции предизвика и неговото однесување во телевизиска програма во живо, кога жртвите од падот на балдахинот ги нарече „жртви на шаторот“.
Најновиот случај повторно го стави Вучиќевиќ во центарот на вниманието. Според медиумските информации, сопственикот на „Информер“ бил уапсен по наредба на Второто основно јавно обвинителство во Белград, поради сомневање за сторени кривични дела предизвикување паника и неред и попречување на правдата.
За овие две кривични дела, според објавените информации, се предвидени затворски казни од шест месеци до пет години, а за попречување на правдата е предвидена и парична казна. Неговото апсење повторно го отвори прашањето за границата меѓу медиумската слобода, одговорноста на новинарите и политичката пропаганда во Србија.
Инаку, веста за апсењето на Драган Ј. Вучиќевиќ ја соопшти во српскиот парламент пратеникот и лидер на СНС, Александар Вучиќ.
„Сопственикот на телевизијата ‘Информер’, Драган Вучиќевиќ, штотуку беше уапсен. Тој беше уапсен поради својата новинарска работа, а за мене ова доволно кажува, заедно со оваа навивачка група одозгора, со какви идиоти си имаме работа. Ви благодарам многу“, изјави Вучиќ на почетокот на седницата.
Неговата изјава предизвика реакција кај пратениците од владејачкото мнозинство, кои со аплауз ја поздравиле веста за приведувањето на главниот уредник на „Информер“.
По посетата на својот татко, во јавноста се огласи и неговиот син Вукашин Вучиќевиќ, кој е претставник на изборната листа „Александар Вучиќ – Србија победува“. Тој тврди дека станува збор за политички прогон поради новинарската работа на неговиот татко.
„Колку што разбрав од адвокатот, на мојот татко му се ставаат на товар предизвикување паника и неред во подолг временски период и попречување на правдата. Ова е чист политички прогон“, изјави Вукашин.
Тој додаде дека неговиот татко одбил да потпише одредена изјава, нагласувајќи дека нема да се откаже од борбата.
„Порака до оние кои вршат револуционерен терор – вистината не може да се замолчи. Никогаш нема да ја замолчите вистината и ќе се бориме до последниот ден, дури и ако сите нè затворат и нè стават во темници“, порача синот на Вучиќевиќ.
Според објавените информации, Драган Ј. Вучиќевиќ бил пресретнат од полицајци на околу 50 метри од зградата на телевизијата „Информер“. Засега не е официјално разјаснето кој го извршил приведувањето, бидејќи автомобилот со кој биле полицајците не бил службено обележан. Вучиќевиќ потоа бил однесен во полициската станица Вождовац, а според медиумските информации, постапката била спроведена по наредба на Второто основно јавно обвинителство во Белград.
Од „Информер“ случајот го квалификуваат како продолжување на политичкиот притисок врз нивниот медиум и неговиот главен уредник. Случајот дополнително ги заостри политичките и медиумските тензии во Србија, особено по конфликтот меѓу „Информер“ и Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ).

