СКОПЈЕ СЕ ПОДГОТВУВА ЗА СЕДУМ ДЕНА ТЕАТАРСКИ СПЕКТАКЛ – 51. МОТ носи претстави од Македонија и Европа

„Овојпат таа кажува“ е мотото на годинашното издание на Млад отворен театар, посветено на женското авторство и творечкиот глас.

СКОПЈЕ СЕ ПОДГОТВУВА ЗА СЕДУМ ДЕНА ТЕАТАРСКИ СПЕКТАКЛ – 51. МОТ носи претстави од Македонија и Европа
Фото: Принтскрин

Скопје повторно станува регионален центар на театарската уметност. Од 18 до 24 ноември ќе се одржи 51. издание на Млад отворен театар (МОТ), овојпат под мотото „Овојпат таа кажува“, со фокус на женското авторство, творечкиот глас и перспективите на жените во современиот театар.

Годинашната програма носи богата понуда на театарски продукции од Македонија, регионот и Европа, во кои преку различни сценски јазици и уметнички пристапи се отвораат прашања за слободата, идентитетот, љубовта, општествените ограничувања, положбата на жената и односот меѓу поединецот и современиот свет.

Концептот и програмата на годинашниот фестивал беа претставени на денешната прес-конференција, на која учествуваа македонските режисерки Нина Николиќ, со претставата „Последниот час по клавир“, и Теодора Силјаноска, со „Кокошка“, како и директорот на ЈУ Младински културен центар, Димче Арсовски, и претставниците на програмскиот тим Филип Николовски и Кирил Мечалов.

Фестивалот обединува различни генерации авторки и авторски пристапи, со претстави што ги преиспитуваат личните и колективните искуства, општествените норми и позицијата на жената во современиот свет.

Фестивалот ќе започне на 18 ноември со претставата „Кратки приказни“ на Театар Антон Подбевшек од Словенија, во режија на Сања Нешковиќ Першин. Станува збор за театарски експеримент што ги спојува класичната глума, физичкиот театар, танцот и кореографијата.

Истата вечер во клубот на МКЦ ќе биде изведена и „Последниот час по клавир“ на Театар 071 | Перипетија, во режија на Нина Николиќ. Претставата носи интимна приказна за бегалството, осаменоста, припадноста и човечката блискост.

На 19 ноември следува „Кокошка“ на Театар Вортекс, во Театар Комедија, во режија на Теодора Силјаноска. Комедијата, работена според текстот на Николај Кољада, преку иронија и апсурд ги истражува човечките слабости, суетата, потребата за признание и слобода.

Меѓу гостувањата се издвојува „Манифест“ на Словенско младинско гледалишче и Глеј Театар, во режија на Татјана Першух, која ги истражува технолошкиот развој и неговите последици.

Публиката ќе може да ја проследи и „Три жени“ од Србија, музичко-поетски театарски проект посветен на женското творештво и историското потиснување на женскиот глас, како и „Закопани чуда“ во режија на Нина Виолиќ – мултимедијална приказна за љубовта, сеќавањето и минливоста.

Програмата продолжува со „Смртен исход од атлетските повреди“ на Моје позориште од Босна и Херцеговина, во режија на Тара Маниќ.

На 22 ноември ќе биде изведена и претставата „Свињи“ на Златен Елец, во продукција на ЦК Битола и режија на Тамара Стојаноска, според текст на Томислав Зајец. Приказната за две сестри заробени во сопствените животи и меѓусебниот однос отвора прашања за слободата, човечката природа и границите меѓу човекот и животното.

Покрај театарската програма, 51. МОТ нуди и музички и танцови содржини.

На 21 ноември, во бифето на МКЦ, ќе настапи ARBËRESHË, уметница од Косово која живее и твори во Швајцарија. Нејзиниот музички израз е спој на традиционалната албанска музика и современиот звук.

Концертот се реализира во рамки на европската музичка платформа Liveurope, која ја поддржува промоцијата на нови европски музички таленти, а влезот за публиката е бесплатен.

Во завршницата на фестивалот се и танцовите перформанси „Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ и „Мочуришна драма“, во соработка со Локомотива.

На програмата се и „Мојот маж“ на грчкиот колектив Процес, во режија на Марија Манганари, според расказите на Румена Бужаровска, како и „Ана – непоправливата“ на Арт центар Оренда од Бугарија, посветена на руската новинарка и борка за човекови права Ана Политковскаја.

Билетите за претставите од 51. издание на МОТ се продаваат по промотивна цена од 400 денари. Заинтересираните можат да ги набават преку онлајн сервисот bileti.mkc.mk, како и физички на билетарницата на Младинскиот културен центар.

Целосната фестивалска програма е достапна на официјалната веб-страница www.mot.mk.

Од 18 до 24 ноември, Скопје ќе биде домаќин на седум дена исполнети со театар, музика, танц и современи уметнички изрази. Под мотото „Овојпат таа кажува“, 51. МОТ ја става во преден план женската креативност и нуди можност публиката да открие нови сценски перспективи и силни авторски приказни.

CATEGORIES
Share This