64 УМЕТНИЦИ И НАД 100 УМЕТНИЧКИ ДЕЛА НА ЕДНО МЕСТО Вечерва во Скопје се отвора изложбата „Мал формат / МиниАртура“

Културно-информативниот центар во Скопје вечерва ќе биде домаќин на изложба во организација на ДЛУМ, која обединува 37 автори во „Мал формат“ и 27 автори во „МиниАртура“.

64 УМЕТНИЦИ И НАД 100 УМЕТНИЧКИ ДЕЛА НА ЕДНО МЕСТО Вечерва во Скопје се отвора изложбата „Мал формат / МиниАртура“
Фото: Принтскрин

Љубителите на ликовната уметност вечерва ќе имаат можност да проследат несекојдневна изложбена поставка во Скопје. Во Културно-информативниот центар, со почеток во 20:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Мал формат / МиниАртура“, во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).

На изложбата ќе бидат претставени дела на вкупно 64 автори, распоредени во две изложбени целини. Во рамки на „Мал формат“ ќе бидат изложени 64 дела од 37 автори, додека „МиниАртура“ ќе опфати 47 дела создадени од 27 автори.

Концептот „Мал формат“ го става во преден план уметничкото дело со ограничени димензии, но со широк простор за визуелна, концептуална и емоционална интерпретација. Малата површина овозможува поголема концентрација на ликовниот израз, при што секој потег, линија, боја и форма добиваат посебно значење.

Претседателката на ДЛУМ, проф. д-р Јана Манева-Чупоска, посочува дека изложбата обединува различни авторски пристапи, техники и уметнички поетики, потврдувајќи дека малите димензии не ја ограничуваат идејата, туку можат дополнително да ја засилат нејзината експресивност.

Втората изложбена целина, „МиниАртура“, ја претставува уметноста на прецизноста, концентрацијата и вниманието кон деталот. Според Манева-Чупоска, минијатурниот формат отвора простор за суптилен и концентриран визуелен израз, при што малите димензии во никој случај не ја намалуваат содржинската и естетската вредност на уметничкото дело.

Двете изложбени целини заедно нудат пресек на разновидноста на современото ликовно творештво, покажувајќи дека уметничката идеја не зависи од големината на платното, туку од креативноста, изразот и пораката на авторот. Изложбата „Мал формат / МиниАртура“ е можност публиката да се запознае со различни генерации, техники и уметнички пристапи на македонските ликовни творци.

CATEGORIES
Share This