МАКЕДОНИЈА ВЕЧЕРВА ПРОТИВ СЛОВЕНИЈА ЗА СПАС НА ЧЕСТА Седлоски најавува офанзива, познат и очекуваниот состав

Црвено-жолтите“ во 20:45 часот ја пречекуваат Словенија на „Тодор Проески“ во последниот меч од групната фаза на Лигата на нации.

МАКЕДОНИЈА ВЕЧЕРВА ПРОТИВ СЛОВЕНИЈА ЗА СПАС НА ЧЕСТА Седлоски најавува офанзива, познат и очекуваниот состав
Фото: Национал

Македонската фудбалска репрезентација вечерва ја има последната можност да го поправи впечатокот во групната фаза од Лигата на нации. Избраниците на Гоце Седлоски од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ја пречекуваат Словенија, во натпревар во кој ќе се обидат да стигнат до првите бодови во ова натпреварување.

Македонија досега забележа пет порази и остана без освоен бод, па дуелот со Словенците е последна можност за позитивен резултат пред завршувањето на групната фаза.

Селекторот Гоце Седлоски најави офанзивен пристап, но не се очекуваат големи промени во однос на составот кој настапи против Шкотска. Според информациите на „СпортСпорт“, Себастијан Херера, Имран Фетаи и Димитар Митровски нема да бидат во комбинација за вечерашниот дуел. Митровски не успеал навреме да се опорави од повредата, додека во составот се враќа Јован Атанасов. Во конкуренција е и Никола Серафимов.

Според најавите, Македонија би требало да започне со Столе Димитриевски на голот, а пред него да бидат Илиевски, Младеновски, Муслиу и Алиоски. Во средниот ред се очекуваат Гаштаров, Елмас и Барди, додека по крилните позиции би требало да дејствуваат Чурлинов и Дориев. Најистурен во нападот повторно се очекува да биде Растодер.

Еден од позитивните моменти пред дуелот со Словенија е прекинувањето на неверојатниот пост од 844 минути без постигнат гол. Македонија конечно ја затресе противничката мрежа во Глазгов, каде што Растодер постигна погодок против Шкотска.

Дополнителен оптимизам може да даде и традицијата во меѓусебните дуели. Во досегашните осум натпревари против Словенија, Македонија има четири победи, две нерешени средби и два порази.

Словенија пристигна во Скопје без дел од своите најдобри фудбалери, но гостите имаат силен резултатски мотив. Избраниците на селекторот Матјаж Цесар имаат бод предност пред Шкотска во борбата за второто место, па не мораат по секоја цена да ризикуваат. Дури и пораз во Скопје може да им одговара, доколку Шкотска загуби од Швајцарија.

Токму затоа се очекува Словенија да започне со претпазлива тактика, со збиена одбрана и компактен среден ред, додека во нападот најголемата опасност се очекува да доаѓа од Випотник. За Македонија, пак, нема простор за калкулации и потребни се борбеност, офанзивна игра и конечно резултат што ќе донесе бодови.

CATEGORIES
Share This