СКОПЈЕ-ПРИШТИНА СО ВОЗ ЗА 50 МИНУТИ Директната линија стартува следната година
ВЛЕН најавува нова железничка врска меѓу двата главни града, паралелно со изградбата на автопатот Скопје-Блаце.

Железничките претпријатија на Северна Македонија и Косово работат на воспоставување директна железничка линија меѓу Скопје и Приштина, која, според најавите на ВЛЕН, би требало да биде пуштена во сообраќај следната година. Патувањето меѓу двата главни града би траело околу 50 минути.
Од ВЛЕН велат дека воспоставувањето на директната железничка врска ќе им овозможи на граѓаните побрзо и полесно патување меѓу двете земји, без разлика дали станува збор за патувања поврзани со работа, студии или посети на блиски.
Паралелно со железничкото поврзување, се работи и на подобрување на патната инфраструктура преку изградбата на автопатот Скопје–Блаце. По неговото завршување, автопатската мрежа од Северна Македонија ќе биде поврзана со онаа од косовска страна, што треба да го олесни патувањето кон Приштина, како и транспортот на стоки.
Според ВЛЕН, двата инфраструктурни проекта се меѓу приоритетите за подобрување на сообраќајното поврзување со Косово.
„Нашите граѓани и компании со години чекаат сообраќајни врски што ќе им ги олеснат секојдневните патувања и деловната соработка. Затоа, како дел од Владата, се залагаме овие проекти да се реализираат што поскоро“, соопштија од партијата.
Оттаму додаваат дека директната железничка линија и автопатот Скопје–Блаце би требало да придонесат за полесно патување на граѓаните и поефикасен транспорт на стоки меѓу Северна Македонија и Косово.
„Со автопатот Скопје–Блаце и директната железничка линија, Скопје и Приштина ќе бидат поблиску и во секојдневниот живот“, наведуваат од ВЛЕН.

