ФОН ДЕР ЛАЈЕН: ВИЕ НИ ПРИПАЃАТЕ НАМ Ајде само уште Уставот сменете го
Има само еден клучен чекор до отворањето на првиот кластер, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека Северна Македонија припаѓа на „масата во Европската Унија“ и дека Европа ќе ја пречека земјата со нејзиниот идентитет, јазик и култура.
„Мојата порака е јасна и вие ни припаѓате нам, на масата во Европската Унија. Северна Македонија навистина постигна успех со Планот за раст и тоа е благодарение на вашиот личен ангажман и подготвеност. Веќе добивте 140 милиони евра, а ќе следуваат и дополнителни исплати во претстојните недели. Напредокот е навистина импресивен“ – изјави Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата.
Таа оцени дека Северна Македонија повеќепати покажала дека може да носи „храбри одлуки“ за својата иднина, посочувајќи го Преспанскиот договор како пример за политичка храброст.
„Преспанскиот договор беше момент на вистинска политичка храброст, кога две земји избраа да свртат нова страница и заедно да пишуваат ново поглавје од историјата. Тој ја отвори вратата кон членството во НАТО и денес Северна Македонија е навистина ценет сојузник. Слично е и во Европската Унија и ние ја градиме нашата безбедност заедно“ – рече Фон дер Лајен.
Таа потсети дека Северна Македонија била првата земја во регионот што го потпишала партнерството за одбрана и безбедност и ги искористила инструментите за европска безбедност.
„Вие сте дел од коалицијата на подготвените, бидејќи кога европска нација и пријател беше нападната, Северна Македонија се исправи. Вие ѝ помагате на нашата Унија и ние сме навистина мошне благодарни за тоа. Ова е Северна Македонија која што ние ја знаеме земја која што стои на зборот, земја која што припаѓа на масата во Европската Унија“ порача претседателката на Европската комисија.
Фон дер Лајен потсети и дека пристапните преговори со Северна Македонија започнаа во 2022 година, а скрининг-процесот бил завршен за помалку од една година.
Според неа, сега останува уште еден клучен чекор за земјата да може да продолжи напред и да го отвори првиот кластер во пристапните преговори.
„ Знам колку е ова чувствително, но сакам да бидам јасна околу она за што се залага Европа. Ние ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија во Европската Унија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата, затоа што нашето мото е „Обединети во различностите“ и ние сме мошне сериозни по тоа прашање“ – рече таа.
На новинарско прашање зошто Северна Македонија сè уште нема акциски план за пристапување во ЕУ, Фон дер Лајен одговори дека патокази добиле земјите кои веќе се подлабоко навлезени во пристапниот процес и отвораат и затвораат поглавја.
„Во моментот кога ќе ја деблокираме ситуацијата тука, а моето лично мислење е дека можеме да бидеме мошне брзи со Северна Македонија, затоа што веќе интензивно работиме на реформите кои се неопходни, ќе можеме да се фокусираме на тоа да ја деблокираме ситуацијата и потоа да дојдеме со патокази за Северна Македонија“ рече претседателката на Европската комисија.
Фон дер Лајен е во официјална посета на Северна Македонија, каде што оствари средба со премиерот Христијан Мицкоски.

