НАРОДНА БАНКА ГИ СТЕГА УСЛОВИТЕ ЗА КРЕДИТИ Пократки рокови и понизок лимит за задолжување

ДСТИ за денарски кредити се намалува на 45%, а за кредити со валутна компонента на 40%; рокот за станбени кредити се скратува на 25, а за хипотекарни потрошувачки кредити на 15 години

НАРОДНА БАНКА ГИ СТЕГА УСЛОВИТЕ ЗА КРЕДИТИ Пократки рокови и понизок лимит за задолжување
Фото: Национал

Народната банка донесе измени на макропрудентните мерки за кредитирањето на физичките лица, со кои се намалува максималниот дозволен ДСТИ и се скратува рокот за отплата на одредени видови кредити.

Со измените, максималниот ДСТИ се намалува за пет процентни поени од 50% на 45% за кредитите во денари, односно од 45% на 40% за кредитите со валутна компонента. Показателот ДСТИ го покажува односот меѓу месечните обврски за отплата на кредитите и приходите на кредитокорисникот.

За граѓаните кои првпат купуваат сопствено живеалиште лимитите остануваат непроменети 50% за кредитите во денари и 45% за кредитите со валутна компонента.

Промени има и кај максималниот рок на отплата. За станбените кредити тој се намалува од 30 на 25 години, додека за хипотекарните потрошувачки кредити од 20 на 15 години. Кај кредитите за прво купување сопствено живеалиште, рокот останува 30 години.

Од Народната банка посочуваат дека мерките се носат во услови на здрав и стабилен банкарски систем и имаат превентивен карактер, со цел да се ограничат потенцијалните ризици од прекумерно задолжување на домаќинствата и да се обезбеди одржливо кредитирање.

Кредитната активност кон физичките лица продолжува да расте. Во првото полугодие од 2026 година, годишниот раст на кредитите за физички лица достигна 12,2%, во споредба со 11,2% во 2025 година. Најголем раст е регистриран кај станбените кредити, каде што достигнал 16,6%.

Макропрудентните мерки за кредитирањето на домаќинствата Народната банка првпат ги воведе во јули 2023 година, а нивната поставеност дополнително беше зајакната во декември 2025 година. Според досегашните податоци, се забележува подобрување на структурата на новото кредитирање и намалување на задолжувањето на домаќинствата со повисок должнички товар.

Новите правила ќе почнат да се применуваат од 1 декември 2026 година.

CATEGORIES
Share This