БУЏЕТ ОД 440 МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ Во март доспеваат 500 милиони евра, државата најавува нов долг

Владата го усвои Предлог-буџетот за 2027 година со дефицит од 45 милијарди денари, 40,8 милијарди за капитални расходи и планирана нова еврообврзница во првиот квартал.

БУЏЕТ ОД 440 МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ Во март доспеваат 500 милиони евра, државата најавува нов долг
Фото: Принтскрин

Владата го усвои Предлог-буџетот за 2027 година, со вкупни планирани приходи од 395,4 милијарди денари и расходи од 440,4 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од бруто-домашниот производ (БДП). Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска соопшти дека буџетските проекции се засноваат на очекуван реален економски раст од 3,8 проценти и инфлација од 3,2 проценти.

Во споредба со 2026 година, приходите се планирани да пораснат за 5,7 проценти, а расходите за 4,8 проценти. Според министерката, целта е постепено намалување на дефицитот и стабилизирање на јавниот долг, со истовремено финансирање на инвестициите и законските обврски на државата.

„Основната цел е да обезбедиме стабилни и одржливи јавни финансии, да продолжиме со постепена фискална консолидација, но истовремено да создадеме услови за економски раст, инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Даночните приходи за 2027 година се проектирани на 223,1 милијарда денари, што претставува раст од 6,4 проценти. На прашањето дали планираните приходи се реално остварливи, министерката одговори дека проекциите се направени внимателно, според методологија развивана со поддршка од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Таа најави дека во 2027 година треба да бидат вратени дополнителни 1,5 милијарда денари од солидарниот данок, што ќе влијае врз прикажаната наплата на данокот на добивка.

За социјални трансфери се предвидени вкупно 220,8 милијарди денари, од кои 123,8 милијарди денари се наменети за пензии. Средствата за пензиските исплати се зголемени за 4,8 проценти, согласно планираните законски усогласувања. За заштита на најранливите категории граѓани се предвидени 14,3 милијарди денари, додека за активни политики и мерки за вработување се планирани 2,9 милијарди денари.

Дополнителни 3,9 милијарди денари се предвидени за здравствена заштита во споредба со 2026 година. Општините преку блок-дотации и дотации од данокот на додадена вредност треба да добијат околу 36 милијарди денари, а за одбраната се планирани средства во висина од два процента од БДП. Димитриеска-Кочоска посочи дека во буџетот се земени предвид и обврските од колективните договори за платите во јавниот сектор, како и очекуваното зголемување на минималната плата. Сепак, не соопшти конкретни износи за евентуалните покачувања по сектори.

За капитални расходи во 2027 година се планирани 40,8 милијарди денари. Министерката појасни дека финансирањето на проектите преку Јавното претпријатие за државни патишта треба да се разгледува одделно, бидејќи средствата за претпријатието веќе не се предвидени во државниот буџет, туку ги обезбедува самото претпријатие. Меѓу најавените инфраструктурни инвестиции се продолжувањето на изградбата на коридорите 8 и 10д, автопатските делници Кичево–Буковчани, Кичево–Охрид и Скопје–Блаце, како и модернизацијата на железничката инфраструктура.

Предвидена е и обнова на возниот парк на „Железници – Транспорт“, инвестиции во објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, реконструкција на студентски домови, училишта и спортски сали. Во планот се вклучени и проекти за енергетска ефикасност, системи за наводнување, дигитална инфраструктура и брз автобуски превоз во Скопје.

Покрај покривањето на буџетскиот дефицит, државата во 2027 година ќе треба да сервисира долг во вкупен износ од 124,6 милијарди денари. Од нив, 46,5 милијарди денари се однесуваат на надворешниот долг. Особено значајна обврска е еврообврзницата од 500 милиони евра, издадена во 2023 година, која доспева во март 2027 година.

Поради тоа, Министерството за финансии планира издавање нова еврообврзница во првиот квартал од следната година. Димитриеска-Кочоска соопшти дека веќе се водат разговори и дека се разгледува можноста за задолжување во две транши со различна рочност.

Таа не сакаше да прогнозира колкава ќе биде каматната стапка, посочувајќи дека условите ќе зависат од движењата на меѓународните финансиски пазари. Според презентираниот план, предвидени се 36,3 милијарди денари домашно задолжување, дополнителни 60 милијарди денари за рефинансирање на краткорочни државни хартии од вредност и 86,8 милијарди денари задолжување во странство.

Министерката се осврна и на прашањата за можни промени во вториот пензиски столб. Таа рече дека се разгледуваат различни модели, но дека во моментов нема законски измени и трансферите кон вториот столб се предвидени и во буџетот за 2027 година. Димитриеска-Кочоска изрази сомнеж дали постојниот модел ги остварува првично очекуваните резултати и најави дополнителни анализи со ММФ.

Засега не е избрано конкретно решение, ниту е утврден рок за евентуални промени. Подготовката на законските измени е во надлежност на Министерството за социјална политика, со учество на Министерството за финансии.

Одговарајќи на новинарски прашања за наводни големи парични приливи од Србија во домашна банка, Димитриеска-Кочоска рече дека нема сознанија за такви трансфери. Таа нагласи дека Управата за финансиско разузнавање треба да ги извести надлежните институции доколку утврди незаконитости, изразувајќи доверба во контролите што ги спроведува Народната банка.

Предлог-буџетот за 2027 година ги утврдува планираните приходи, расходи, инвестиции и задолжувања на државата за следната година. По неговото усвојување од Владата, следува собраниската постапка за негово разгледување и донесување.

CATEGORIES
Share This