СКОПЈЕ ОБЕЛЕЖУВА 82 ГОДИНИ ОД ОСЛОБОДУВАЊЕТО ОД ФАШИЗМОТ Три дена жестоки улични борби за слободата на градот
Борбите започнале на 12 ноември и се воделе на повеќе локации низ градот, вклучително кај Главната пошта, Народната банка, железничката станица и мостовите на Вардар.

Скопје денеска одбележува 82 години од ослободувањето од фашистичката окупација, на 13 ноември 1944 година, по неколкудневни жестоки борби на единиците на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија.
Ослободувањето го извеле 42. и 50. Народноослободителна дивизија и 16. Македонска бригада, кои настапувале од повеќе правци, со поддршка на локалните ударни групи. Борбите започнале на 12 ноември и се воделе на повеќе локации низ градот, вклучително кај Главната пошта, Народната банка, железничката станица и мостовите на Вардар.
Германските сили давале силен отпор, но под притисок на партизанските единици постепено се повлекувале. Особено значајна била одбраната на Камениот мост и другите мостови на Вардар, кои окупаторските сили планирале да ги минираат. Била спасена и хидроцентралата „Матка“ од уништување.
На 13 ноември германскиот отпор бил скршен, а градот бил ослободен. Во борбите загинале повеќе од 420 борци, додека за време на Втората светска војна животот го загубиле и околу 4.600 жители на Скопје.
По повод годишнината, денеска ќе биде положено цвеќе на спомен-обележјата на ослободителите на Скопје, на Партизанските гробишта во Бутел и на гробот на генералот Михајло Апостолски. Вечерва во Македонската опера и балет ќе се одржи и свеченото доделување на наградата „13 Ноември“.

