СКОПЈЕ ПОД ВОДА Чамци по булевари, автомобили заглавени во поплавите

Пороен дожд за кратко време ги поплави клучните сообраќајници и подвозници низ градот.

СКОПЈЕ ПОД ВОДА Чамци по булевари, автомобили заглавени во поплавите
Фото: Принтскрин

Скопје се разбуди по силното невреме што вчера попладне го зафати градот, оставајќи зад себе поплавени улици, подвозници и заглавени возила во повеќе општини. За само неколку часа обилен дожд предизвика сериозни проблеми во сообраќајот, при што подвозниците станаа непроодни, а повеќе кружни текови и клучни сообраќајници беа под вода. Меѓу најпогодените локации се подвозникот кај булевар „Србија“ во Кисела Вода и кружниот тек во Бутел, каде беа пријавени и заглавени возила.

Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), поплавени биле и кружните текови кај Ист Гејт, Мото Центар, Цементара и Железара, како и делови од улицата „Јордан Мијалков“ зад „Дајмонд мол“. Проблеми се регистрирани и на подвозникот под плоштадот „Скендербег“.

Освен на сообраќајниците, штети се пријавени и во станбени и деловни објекти. Поплавени биле куќи, подруми, гаражи и магацини во Кисела Вода, Чаир, Бутел, Автокоманда и Гази Баба. Вода навлегла и во подрумските простории на МАНУ, како и во главниот хол и амфитеатарот.

На социјалните мрежи се појавија бројни снимки од поплавените улици, меѓу кои и сцени со граѓани кои се обидуваат да се движат низ водата со импровизирани средства, што дополнително ја нагласи тежината на состојбата на терен. Поради поплавите, булеварот „Србија“ беше затворен за сообраќај во двата правци, а движењето низ повеќе делови од градот беше сериозно отежнато.

Од ЦУК информираат дека преку бројот за итни случаи 112 се пристигнати повеќе пријави за поплавени објекти и заглавени возила. Најпогодени се општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Гази Баба, а надлежните служби веднаш биле известени и излегле на терен.

„За сите пријавени случаи постапуваат Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и единиците на локалната самоуправа, согласно надлежностите. Во тек е координација преку Кризниот штаб на Град Скопје“, информираат од ЦУК.

Иако дождот траеше релативно кратко, последиците повторно ги отворија прашањата за функционалноста на одводната мрежа и подготвеноста на градот за поинтензивни врнежи, бидејќи критичните точки во Скопје речиси редовно се повторуваат при секое посилно невреме.

CATEGORIES
Share This