ФУДБАЛСКИ СПЕКТАКЛ Пресврти во три меча

Три натпревари, три драми: вечер полна со пресврти, голови и ВАР одлуки

ФУДБАЛСКИ СПЕКТАКЛ Пресврти во три меча
Фото: Принтскрин

Англија со голем пресврт ја совлада ДР Конго со 2:1 и обезбеди пласман во осминафиналето, а главниот херој повторно беше капитенот Хари Кејн. Напаѓачот со два маестрални погодоци во второто полувреме ја спаси својата репрезентација од голем срам, откако Англичаните на паузата имаа негатива од 0:1. ДР Конго одлично го отвори натпреварот и со висок пресинг ги изненади фаворизираните Англичани. Шокот за европската селекција дојде уште во 7. минута, кога Ципенга го совлада Пикфорд и донесе водство за африканскиот тим.

По почетниот притисок, Англија постепено ја презеде контролата и до крајот на првиот дел создаде неколку сериозни прилики. Кејн двапати се закани, а шанси имаа и Рашфорд и Белингем. Во финишот Англичаните бараа пенал по дуелот на Кејн со голманот на ДР Конго, но по консултација со ВАР-системот беше проценето дека напаѓачот го иницирал контактот. ДР Конго можеше дополнително да го зголеми водството во 42. минута, но Виса ја погоди стативата, па на одмор се замина со минимална предност за африканската селекција.

Во продолжението Англија тргна уште поофанзивно. Рашфорд во 52. минута пропушти голема можност, но притисокот конечно вроди со плод во 75. минута. Хари Кејн го постигна израмнувачкиот гол, свој 83. погодок во 118. настап за националниот тим. Само 11 минути подоцна, во 86. минута, Кејн повторно се запиша во листата на стрелци со прекрасен погодок за целосен пресврт и победа од 2:1. Тоа беше негов петти гол на Светското првенство.

Во другиот натпревар Белгија приреди еден од најдраматичните пресврти на турнирот, совладувајќи го Сенегал со 3:2 по продолженија и обезбедувајќи место меѓу осумте најдобри селекции. Сенегал долго време беше на прагот на голем успех. Во 23. минута Хабиб Дијара ја искористи одбиената топка по ударот на Исмаила Сар и донесе предност од 1:0. Веднаш по паузата, Сар зголеми на 2:0 по одличното додавање од Нијакате.

Белгија изгледаше немоќно, но влегувањето на Ромелу Лукаку целосно го промени текот на натпреварот. Искусниот напаѓач во 86. минута го намали резултатот, а само три минути подоцна капитенот Јури Тилеманс со глава, по асистенција на Леандро Тросар, израмни на 2:2. Во продолженијата Белгијците беа поопасниот тим. Лукаку не реализираше голема шанса, а Лукебакио ја погоди пречката во 116. минута. Сенегал, пак, пропушти неколку можности да го реши натпреварот.

Клучниот момент се случи во 125. минута. По прегледување на ВАР-снимката, судијата досуди пенал по прекршок врз Тилеманс. Капитенот на Белгија ја презеде одговорноста и смирено реализираше за конечни 3:2 и голема победа.

Во утринскиот натпревар, репрезентацијата на САД забележа победа од 2-0 над Босна и Херцеговина во натпревар во кој мораше сериозно да се потруди за да ја оправда фаворитската улога. Избраниците на Маурисио Почетино, и покрај тоа што речиси половина час играа со фудбалер помалку поради исклучувањето на Балогун, успеаја да ја задржат контролата и да стигнат до сигурен триумф.

Босна и Херцеговина, предводена од Сергеј Барбарез, прва се закани преку Ермедин Демировиќ, но голманот Мет Фриз успешно интервенираше. Американците постигнаа погодок во првиот дел, кој беше поништен поради офсајд, а вистинската награда за нивниот притисок дојде во самиот финиш на полувремето. Во 45. минута, по мешаница во шеснаесетникот, Фоларин Балогун најдобро се снајде и ја затресе мрежата на Никола Васиљ. Набрзо потоа имаше шанса за уште еден гол, но го погоди дирекот.

Во второто полувреме Босанците имаа повеќе посед и се обидоа да се вратат во игра, но нивните напади останаа без конкретна завршница. Прашањето на победникот беше решено во 82. минута, кога по прекршок на работ од шеснаесетникот, Малик Тилман изведе прецизен слободен удар и постигна ефектен гол за 2-0. Со оваа победа САД се пласираше меѓу најдобрите 16 селекции на Светското првенство, каде во осминафиналето ќе се соочи со Белгија, која претходно по продолженија го елиминираше Сенегал.

CATEGORIES
Share This