СКОПЈЕ ЌЕ ГОРИ ОД ФИЛМ И МУЗИКА „Ѕирни“ носи осум дена спектакл

Од 28 септември до 5 октомври – филмови, концерти, изложби, работилници и нови филмски приказни на повеќе локации во Скопје.

СКОПЈЕ ЌЕ ГОРИ ОД ФИЛМ И МУЗИКА „Ѕирни“ носи осум дена спектакл
Фото: Принтскрин

Филмски проекции, концерти, изложби, работилници, мастеркласови и разговори ќе ја исполнат програмата на осмото издание на „Ѕирни – Фестивал на филм и музика“, кој ќе се одржува од 28 септември до 5 октомври во Скопје.

Фестивалот, организиран од „Котур – Кафе и филм“, и годинава ја продолжува препознатливата идеја за спојување на филмот и музиката, но и нивно поврзување со визуелната уметност, едукацијата и јавниот простор. Покрај КОТУР, дел од програмата ќе се реализира и на Платото пред Домот на АРМ.

Филмската програма е поделена во четири натпреварувачки селекции – интернационална и национална официјална селекција, како и интернационална и национална студентска селекција.

Во националната официјална селекција ќе бидат прикажани седум скопски премиери на македонски кратки филмови, а предвидени се и специјални проекции на краткометражни филмови од членови на тимот на фестивалот.

Официјалната селекција ќе се натпреварува за наградата „Данчо Чеврески“, како и за наградата за најдобар филм според публиката. Студентските автори ќе се борат за признанието за најдобар студентски филм, додека вкупно 14 филмови од програмата ќе бидат во конкуренција за наградата на публиката.

Специјални филмски и театарски содржини

Во рамките на фестивалот ќе бидат прикажани и специјални долгометражни остварувања. Во соработка со „Македокс“ ќе биде прикажан документарниот филм „Југо оди во Америка“, а публиката ќе има можност да ја проследи и театарската претстава „Казабалкан“, во режија на Дамјан Костовски и според сценарио на Горан Стефановски.

Фестивалот ќе понуди и богата едукативна програма. Отворањето ќе биде проследено со мастерклас на директорот на фотографија Самир Карахода, по што ќе бидат прикажани неговите кратки филмови „In Between“, „Displaced“ и „On the Way“.

Предвидена е и работилница за глума пред камера и self-tape кастинг со Сара Климоска, како и панел-дискусијата „Жените што ги прават филмовите реалност“, на која ќе учествуваат продуцентките Ивана Шекуткоска, Сара Ферро и Марија Димитрова.

Фестивалите како пат до публиката

За улогата на филмските фестивали во развојот на краткометражниот филм ќе се разговара на панелот „Улогата на фестивалите во креативното патешествие на краткиот филм“.

На панелот ќе учествуваат Марија Апчевска, Атанас Велкоски од фестивалот „Браќа Манаки“, Петрула Велјановска од „Македокс“ и Василис Терзополус од фестивалот за краток филм „Драма“ од Грција.

Едукативната програма ќе заврши со 48-часовниот филмски предизвик, кој четврта година по ред е дел од „Ѕирни“. Предизвикот ќе го предводи режисерот Игор Христов, а предавачи ќе бидат Тамара Ристоска, Атанас Велкоски и Радован Петровиќ.

Пет концерти и седум диџеј-сета

Музичката програма носи пет концерти и седум диџеј-сета. На фестивалот ќе настапат швајцарскиот состав Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp, словенечкиот LELEE, српската Roza, како и македонските САМ и HOT JAZZ QUARTET.

Музичката програма ќе ја дополнат Бојан Јанев, Андреа Салпе, Еми Ермилова, Давид Николовски, Андреј Влашки, Диџеј Чваре, Боле и Double G.

И визуелната уметност е дел од фестивалот

Посетителите ќе можат да погледнат и две изложби.

„Со сите наши чворови“ на Крсто Глигоријадис, курирана од Наде Циева, се занимава со односот меѓу телото и духот и последиците од нивното отуѓување.

Групната изложба „ВО ВОЗДУХ“, пак, ги претставува студентите од Факултетот за ликовни уметности, во соработка со арт-платформата „Пионери“.

Фестивалот стартува на 28 септември со официјалното отворање и филмски проекции на Платото пред Домот на АРМ. Вечерта програмата во КОТУР продолжува со музичка селекција на Бојан Јанев.

На 29 септември следуваат мастеркласот со Самир Карахода, филмски проекции и изложба, како и нова филмска програма во Домот на АРМ.

Со осмото издание, „Ѕирни“ повторно создава простор во кој филмот се среќава со музиката, визуелната уметност и едукацијата – со програма наменета и за филмските професионалци и младите автори, но и за најшироката публика.

CATEGORIES
Share This