СКОПЈЕ ЌЕ БИДЕ СВЕТСКИ ЦЕНТАР НА ТАНЦОТ Над 7.000 танчери од повеќе од 40 држави доаѓаат на Светското првенство во 2027 година
Македонија повторно ја добива довербата на International Dance Organization - од 4 до 14 октомври 2027 година, Скопје ќе биде домаќин на IDO World HipHop & Breaking Championships, еден од најголемите светски танцови настани.

Скопје во октомври 2027 година повторно ќе стане една од главните светски танцови престолнини со организацијата на IDO World HipHop & Breaking Championships 2027, на кое се очекува учество на повеќе од 7.000 танчери од над 40 држави од целиот свет.
Големиот меѓународен настан беше официјално најавен денеска на прес-конференција во прес-салата на „Т Арена”, во рамките на Спортскиот центар „Борис Трајковски” во Скопје.
Светското првенство ќе се одржува од 4 до 14 октомври 2027 година, а Скопје во текот на единаесет дена ќе пречека илјадници танчери, тренери, судии, официјални делегации и гости од повеќе континенти.
Организаторите најавија првенство од досега невидени размери, со цел Македонија повторно да покаже дека има капацитет да биде домаќин на најголемите меѓународни танцови натпреварувања.
На прес-конференцијата се обратија Трајче Петковски, организатор на првенството, претставници на раководството на International Dance Organization – IDO, како и Данијел Апостоловски, директор на „Т Арена”, во рамките на СЦ „Борис Трајковски”.
Во присуство на високи претставници на меѓународната танцова заедница беше истакнато дека изборот на Скопје за домаќин на уште едно светско првенство претставува потврда на довербата што Македонија ја гради во рамките на IDO, но и признание за организациското искуство стекнато со реализацијата на големите европски и светски танцови настани во изминатите години.
На настанот присуствуваа и Панче Димов, претседател на Македонската асоцијација на модерни танци, Фиона Џонсон, Senior Vice President на IDO, како и претставници на национални танцови федерации и организации од повеќе земји.
Посебен дел од прес-конференцијата беше посветен на меѓународната соработка и натамошното позиционирање на Скопје и Македонија на светската танцова мапа.
Во рамките на настанот беше најавено и продлабочување на стратешките партнерства со претставници на танцовите организации од Соединетите Американски Држави и Полска, во присуство на Роберт Планутис од САД и Пјотр Патлашински од Полска.
Овие партнерства треба дополнително да ја зајакнат меѓународната соработка, размената на искуства и можностите македонските танчери, тренери и организации уште посилно да се поврзат со глобалната танцова сцена.
СКОПЈЕ ВЕЌЕ ИМА ИСКУСТВО СО НАЈГОЛЕМИТЕ
Организацијата на Светското првенство во 2027 година доаѓа по серијата големи IDO натпреварувања организирани во Скопје.
Во 2024 година македонската престолнина беше домаќин на едно од најголемите светски хип-хоп натпреварувања, со илјадници танчери од повеќе од 30 држави.
Во септември оваа година, СЦ „Борис Трајковски” беше домаќин и на IDO European Ballet, Jazz, Modern & Contemporary Championships 2026, кое од 21 до 29 септември собра речиси 3.000 натпреварувачи од европските земји.
Континуитетот во организацијата на големи меѓународни првенства ја позиционира Македонија како препознатлива дестинација во рамките на светската танцова заедница.
ПОВЕЌЕ ОД НАТПРЕВАРУВАЊЕ
Организацијата на првенство со повеќе од 7.000 учесници има значење што далеку ги надминува рамките на самoто натпреварување.
Во Скопје се очекува да пристигнат илјадници членови на национални делегации, тренери, родители, судии и посетители, што ќе има директен ефект врз хотелскиот и угостителскиот сектор, транспортот, туризмот и локалната економија.

