СКОПЈЕ ДЕНЕС БЕЗ БВОДА Илјадници граѓани и институции погодени од 13-часовен прекин
Поради санација на дефект на булеварот „Крсте Мисирков“, без вода ќе останат бројни институции, трговски центри и населби, а во делови од Автокоманда и Пролет се очекува намален притисок во мрежата.

Поради технички зафати и санација на дефект на затворачи на водоводната мрежа на булеварот „Крсте Мисирков“ и Кеј „Димитар Влахов“, повеќе институции, деловни објекти и населби во централното градско подрачје на Скопје денеска ќе останат без вода.
Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје соопштија дека прекинот во водоснабдувањето ќе трае од 09:00 до 22:00 часот.
Без вода ќе бидат МАНУ, Основниот суд 2, Младинскиот културен центар (МКЦ), Универзитетската библиотека, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, ТЦ „Мавровка“, Македонската радио-телевизија (МРТВ) и трговскиот центар „Ист Гејт“.
Прекин во водоснабдувањето ќе има и во дел од Старата скопска чаршија, околу Саат-кулата, во населбата Крњево, како и на улиците „Петар Ѓеоргиев“, „Отокар Кершовани“, „Адвокатска“ и дел од булеварот „Крсте Мисирков“.
Од претпријатието додаваат дека корисниците од ниската зона на Автокоманда, сè до Камник, како и дел од населбата Пролет во реонот на „Веро Џамбо“, може да се соочат со намален притисок во водоводната мрежа или со краткотрајни прекини во снабдувањето со вода.
Надлежните апелираат до граѓаните навреме да обезбедат потребни резерви на вода до завршување на интервенцијата.


