СИЛНА ПОРАКА ОД ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ Билатералните спорови не смеат да го блокираат патот кон ЕУ
Австрискиот канцелар Штокер со порака против блокадите во процесот на проширување, додека германскиот канцелар Мерц предупреди дека интеграцијата на Западен Балкан е геополитички императив, а не само политичко ветување.

Од Самитот на Берлинскиот процес, одржан во Свети Стефан, Црна Гора, пристигнаа силни пораки за забрзување на европската интеграција на Западен Балкан. Особено внимание привлече ставот на австрискиот канцелар Кристијан Штокер, кој јасно порача дека билатералните спорови не смеат да се користат како пречка за проширувањето на Европската Унија.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц нагласи дека приемот на земјите од Западен Балкан во ЕУ повеќе не е само прашање на политички декларации, туку стратешка и геополитичка неопходност.
„Западен Балкан не смее да стане место каде што големите сили се борат за влијание. Во наш заеднички интерес е патот на државите од регионот неповратно да води кон Европската Унија. ЕУ мора да расте ако сака да го потврди својот суверенитет и да биде препознаена како јасен фактор на моќ во светот“, порача Мерц.
Истовремено, тој нагласи дека земјите од регионот мора да спроведат храбри реформи, особено во владеењето на правото, како предуслов за нови европски инвестиции и отворање работни места.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ оцени дека Берлинскиот процес докажал оти регионалната соработка е можна и покрај политичките разлики.
Црна Гора, која годинава организираше 26 настани во рамките на процесот, има амбиција да ги затвори пристапните преговори до крајот на 2026 година и да стане 28-ма членка на Европската Унија до 2028 година.
На крајот од самитот, Црна Гора го предаде претседавањето со Берлинскиот процес на Австрија.

