МИЦКОСКИ СО ПОРАКА ДО БРИСЕЛ Испорачавме сè што се бараше, сега ЕУ е на потег

Од Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора, премиерот побара реформските резултати на Македонија конечно да бидат вреднувани и да се овозможи почеток на суштинските пристапни преговори.

МИЦКОСКИ СО ПОРАКА ДО БРИСЕЛ Испорачавме сè што се бараше, сега ЕУ е на потег
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски од Самитот на Берлинскиот процес во Свети Стефан, Црна Гора, испрати порака дека Македонија очекува Европската Унија конечно да ги вреднува постигнатите реформски резултати и да овозможи напредок во пристапните преговори.

„Факт е дека ние веќе имаме усогласена надворешна и безбедносна политика со Европската Унија, дека сме многу напред во испораката кога станува збор за Реформската агенда, дека буквално сè што се бара од нас, а е поврзано со принципот напредокот да се оценува според испорачаното, ние тоа го правиме и го испорачуваме“, изјави Мицкоски.

Тој изрази очекување дека постигнатите резултати наскоро ќе добијат конкретна потврда од Брисел и дека Македонија конечно ќе добие можност да го започне суштинскиот процес на преговори.

„Очекувам сето она што го имаме постигнато во процесот на испорака на Реформската агенда во многу скоро време да биде валоризирано“, порача премиерот.

Мицкоски посебно нагласи дека постепеното интегрирање во европските структури претставува можност за земјите од Западен Балкан, но предупреди дека тоа не смее да стане трајна алтернатива на членството.

„Постепеното или градуалното интегрирање претставува шанса и можност за сите нас, но тоа никако не смее да биде замена за полноправно членство во рамките на Европската Унија“, истакна тој.

Во рамките на самитот, македонскиот премиер учествуваше и на работен ручек посветен на иднината на Берлинскиот процес и улогата на младите во развојот на Западен Балкан.

Тој оцени дека регионалната соработка, размената на идеи и создавањето нови можности се клучни за стабилноста, економскиот напредок и забрзаната европска интеграција.

Поддршка за европската перспектива на регионот пристигна и од германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој порача дека Западен Балкан треба побрзо да се приближува кон Унијата, но истовремено побара од владите да покажат политичка волја и да ги спроведат неопходните реформи.

Самитот во Свети Стефан го означи завршувањето на црногорското претседавање со Берлинскиот процес, иницијатива покрената во 2014 година од Германија со цел забрзување на европската интеграција и зајакнување на регионалната соработка.

CATEGORIES
Share This