СИЛНА ПОРАКА ОД АНКАРА Сиљановска порача каква Европа му треба на светот, лидерите на НАТО со нови заклучоци

Претседателката порача дека најсилна е Европа која живее во мир и демократија, додека лидерите на Алијансата најавија поголеми инвестиции во одбраната и продолжена поддршка за Украина.

СИЛНА ПОРАКА ОД АНКАРА Сиљановска порача каква Европа му треба на светот, лидерите на НАТО со нови заклучоци
Фото: Принтскрин

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порача дека најсилната Европа е онаа што живее во мир, демократија и почитување на принципите и вредностите, пред почетокот на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, кој се одржува во претседателскиот комплекс „Бештепе“ во Анкара.

Осврнувајќи се на мотото на самитот „Посилна Европа – Посилно НАТО“, претседателката истакна дека проширена и обединета Европа претставува основа за посилна Алијанса.

„Мотото ‘Посилна Европа – Посилно НАТО’ според мене значи дека проширена и обединета Европа е посилна Европа. Но, најсилната Европа е Европа која живее во мир и демократија, базирана на принципи и вредности. Тоа е мојата порака“, изјави Сиљановска-Давкова.

Таа во кусата изјава за медиумите додаде дека „ни треба повеќе кантијанизам отколку макијавелизам“, потенцирајќи дека европската безбедност треба да се темели на вредности, а не само на геополитички интереси. Предвидено е претседателката да се обрати на состанокот на Северноатлантскиот совет, на кој учествуваат лидерите на сите 32 земји членки на НАТО.

Во состав на македонската делегација се и министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Европските лидери: Поголеми вложувања во одбраната и единство во НАТО

На дводневниот самит во Анкара лидерите на земјите членки разговараат за безбедносните предизвици, колективната одбрана и идните приоритети на Алијансата. Повеќе европски лидери порачаа дека Европа мора дополнително да ги зголеми инвестициите во одбраната, да ја продолжи поддршката за Украина и да го зачува единството на НАТО. Португалскиот премиер Луис Монтенегро истакна дека територијалниот интегритет на секоја земја-членка на НАТО е неприкосновен принцип.

„Територијалниот интегритет на која било земја-членка на НАТО во никој случај не е предмет на дискусија. Тоа се однесува и на Данска“, изјави Монтенегро.

Тој додава дека Алијансата останува посветена и на политичката, воената и економската поддршка за Украина.

Холандскиот премиер Роб Јетен оцени дека Европа веќе покажала дека може да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност.

„Ги зголемивме тројно нашите трошоци за одбрана, а многу други земји значително ги зголемија своите воени буџети. Посилна Европа е во интерес на сите нас“, рече тој.

Премиерот на Луксембург, Лук Фриден, нагласи дека единството останува најголемата сила на Алијансата.

„Заедно сме посилни“, изјави Фриден, додавајќи дека средствата за одбрана треба да се инвестираат во проекти што реално ќе ги зајакнат капацитетите на НАТО.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон предупреди дека војната во Украина и понатаму претставува сериозна закана за европската безбедност. Тој најави дека Шведска ќе ги зголеми трошоците за одбрана на пет проценти од БДП до 2030 година и ќе продолжи со воената поддршка за Киев.

Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе оцени дека европските земји значително ги зголемиле инвестициите во одбраната и отфрли очекувања за целосно повлекување на американските сили од Европа, истакнувајќи дека Норвешка ќе инвестира во модернизација на својата морнарица во соработка со Велика Британија, Канада и Германија.

Финскиот претседател Александар Стуб порача дека е неопходно да се зачува единството на НАТО, да остане отворен Хормутскиот Теснец и да продолжи дијалогот меѓу САД и Иран. Осврнувајќи се на прашањето за Гренланд, Стуб истакна дека тоа е исклучиво во надлежност на Кралството Данска. Тој додаде дека притисокот врз Русија треба да продолжи преку политичка, економска и воена поддршка за Украина, нагласувајќи дека на Киев му се потребни дополнителни системи за воздушна одбрана, вклучително и ракети „Патриот“.

CATEGORIES
Share This