ГОТОВА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА ОБИКОЛНИЦА НА СКОПЈЕ Товарните возови заминуваат надвор од градот
Реконструираната делница Драчево – Илинден ќе биде наменета исклучиво за товарен сообраќај, со што ќе се намали оптоварувањето на железничката мрежа низ Скопје.

Заврши реконструкцијата на железничката обиколница Скопје, односно пругата на делницата Драчево – Илинден, со што се создаваат услови товарниот железнички сообраќај да се пренасочи надвор од главниот град. Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, заедно со директорот на ЈП „Железница Инфраструктура“, Синиша Ивановски, извршија увид на обновената делница, при што беше реализирано и тест-возење.
Николоски истакна дека по оваа траса ќе се одвива исклучиво товарниот железнички сообраќај, што ќе придонесе за подобра организација на транспортот, намалување на метежот и поголема ефикасност на железничкиот коридор.
„Драго ми е што денеска правиме тест-возење на обновениот железнички коридор, практичната обиколница на Скопје, линијата меѓу Драчево и Илинден, со која товарните возови ќе бидат извадени надвор од градот“, изјави Николоски.
Според него, проектот ќе има значаен придонес и во заштитата на животната средина, бидејќи товарните композиции повеќе нема да поминуваат низ централното градско подрачје, со што се очекува намалување на загадувањето. Министерот посочи дека проектот е реализиран од ЈП „Железница Инфраструктура“, а во следниот период ќе следуваат техничкиот прием и завршните процедури. Очекувањата се дека за околу дваесетина дена карго-возовите ќе започнат да ја користат новата делница.
„Ова ќе значи побрз карго-сообраќај на Коридорот 10, повеќе бизнис можности и поголем развој на железничкиот транспорт во земјата“, додаде Николоски.
Тој најави и дека најдоцна до 1 септември се очекува пуштање во употреба на првата линија на градскиот воз, која ќе сообраќа од Зелениково, преку Драчево, до центарот на Скопје.


