СИЉАНОВСКА ВО ИСТАНБУЛ КАЈ ЕРДОГАН – Што навистина се договорија?

Потврда за соработка во одбраната и модернизација на Армијата.

СИЉАНОВСКА ВО ИСТАНБУЛ КАЈ ЕРДОГАН – Што навистина се договорија?
Фото: Принтскрин

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Истанбул одржа билатерална средба со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која беше оценето дека односите меѓу двете држави се карактеризираат со традиционално пријателство, висока доверба и континуирана взаемна поддршка.

На почетокот од разговорите, Сиљановска-Давкова упати сочувство до Ердоган за жртвите од вчерашното пукање во средно училиште во Турција, посакувајќи брзо закрепнување на повредените. Таа нагласи дека Турција е докажан пријател на Северна Македонија, кој постојано покажува солидарност, вклучително и во тешки моменти како трагедијата во Кочани.

Во рамки на средбата беше истакнато дека турското присуство во македонското општество е значајно преку различни институции и компании, меѓу кои ТИКА со реализирани 1.320 проекти, училиштата „Маариф“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, како и компании како „Туркиш ерлајнс“ и „Халкбанк“.

Двајцата претседатели го поздравија потпишувањето на Заедничката политичка декларација за формирање Совет за соработка на високо ниво, оценувајќи дека таа ќе придонесе за подинамична и поорганизирана билатерална соработка, вклучително и преку одржување на прва меѓувладина седница.

Сиљановска-Давкова ја поздрави и турската иницијатива „Балканска мировна платформа“, оценувајќи ја како важен механизам за унапредување на регионалниот дијалог и стабилност.

Таа изрази благодарност за поддршката од Турција во процесот на модернизација на македонската Армија, а на средбата беше констатирано и дека постои простор за зголемување на економската соработка, трговската размена и инвестициите, при што најавениот бизнис-форум беше оценет како добра можност за тоа.

Посебен акцент беше ставен и на прашањата поврзани со турската заедница во земјата, нејзината застапеност и функционирањето на одредени образовни институции. Двете страни изразија уверување дека постојните предизвици ќе бидат надминати.

На крајот од средбата, Сиљановска-Давкова упати покана до претседателот Ердоган за официјална посета на Северна Македонија.

Претседателката престојува во Турција во рамки на учеството на 5. Дипломатски форум во Анталија.

CATEGORIES
Share This