ШТО ЗНАЕ ХОЛАНДИЈА ШТО ОСТАНАТИТЕ НЕ ГО ЗНААТ Милијарди евра во злато преместени од Северна Америка
Холандската централна банка премести 86 тони злато од Њујорк и Отава во Лондон и Холандија, со образложение дека сака да биде подобро подготвена за потенцијални кризи.

Холандската централна банка (DNB) премести 86 тони златни резерви од трезорите во Њујорк и Отава во Лондон, во потег што го образложува со потребата од подобра подготвеност за потенцијални кризи во услови на зголемени глобални политички тензии. Операцијата се одвивала од март до август, при што значителен дел од холандските златни резерви беше прераспределен од Северна Америка кон Европа.
Пред преместувањето, 31,3 отсто од холандското злато се чувало во Њујорк, а 19,7 отсто во Отава. По операцијата, уделот на резервите складирани во двата града е намален на 18,5 отсто. Холандската централна банка располага со вкупно 612,4 тони злато, чија вредност на крајот на 2025 година била проценета на околу 72,2 милијарди евра.
Гувернерот на DNB, Олаф Слејпен, во писмена изјава посочи дека со преместувањето се подобрува ликвидноста и достапноста на резервите.
„Со ова преместување, ја подобривме продажливоста и циркулацијата на нашите златни резерви“, изјави Слејпен.
Тој додава дека, иако се надеваат оти резервите никогаш нема да мора да бидат употребени во кризна ситуација, централната банка мора да биде подготвена за вонредни околности.
„Иако се надеваме дека никогаш нема да ни бидат потребни овие залихи, мора дополнително да ја зајакнеме нашата отпорност и подготвеност за вонредни околности“, порача гувернерот.
ДЕЛ ОД ЗЛАТОТО ФИЗИЧКИ ПРЕНЕСЕНО ВО ХОЛАНДИЈА
Повеќе од 27 тони злато биле физички транспортирани од САД и Канада директно во строго обезбедениот трезор на холандската централна банка, кој се наоѓа во рамките на воена база во близина на градот Зајст. DNB не соопшти детали за начинот на кој златото било транспортирано преку Атлантикот.
Истовремено, приближно иста количина злато била префрлена од Зајст во Лондон. Остатокот од операцијата бил реализиран преку финансиски трансакции. Холандската централна банка продала околу 59 тони злато складирано во Њујорк, а потоа купила иста количина во Лондон.
ЗОШТО ТОКМУ ЛОНДОН?
Од DNB објаснуваат дека златото складирано во трезорите на Банката на Англија ги исполнува најновите меѓународни стандарди за тргување и се смета за едно од најликвидните места за трговија со злато во светот. Тоа, според холандската централна банка, овозможува резервите побрзо да бидат ставени во функција доколку дојде до сериозна финансиска или друга вонредна криза.
За разлика од тоа, златото складирано во Њујорк и Отава не може да биде искористено толку брзо и директно во такви околности. Преместувањето на резервите доаѓа во период на зголемена геополитичка неизвесност, кога централните банки ширум светот посветуваат сè поголемо внимание на ликвидноста, безбедноста и достапноста на своите девизни и златни резерви.

