ШТО СЕ СЛУЧУВА СО АЈВАРКАТА Договорија 30 денари, а сега земјоделците добиваат само 20

Земјоделците од Струмица повторно протестираа со трактори, барајќи државата да ги заштити од, како што велат, ценовните манипулации на откупувачите.

ШТО СЕ СЛУЧУВА СО АЈВАРКАТА Договорија 30 денари, а сега земјоделците добиваат само 20
Фото: Принтскрин

Струмичките земјоделци повторно излегоа на протест, револтирани поради тоа што не се почитуваат договорените откупни цени за пиперката-ајварка. Само десетина дена откако беше договорено мешаната прва и втора класа да се откупува по 30 денари за килограм, земјоделците велат дека трговците и откупувачите повторно ја намалиле цената.

Според нив, наместо договорените 30 денари, во моментов за првата и втората класа се нудат по 20 денари за килограм, додека претходно цената била намалена на 25 денари.

„Ова е срамота. Вака ли се штити земјоделството? Едно се договара, друго се прави и сето тоа е на штета на земјоделците. Само пет дена се откупуваше по 30 денари. Од минатата недела цената ја намалија на 25, а денес прва и втора класа се откупуваат по 20 денари за килограм. На одредени пунктови и не се откупува или нè уценуваат, односно прибираат со квалитетот. Треба да им се стави клуч на откупувачите и преработувачите“, изјави земјоделецот Туше Митев.

Земјоделците околу два часа протестираа пред Министерството за земјоделство во Струмица, барајќи од државата да најде механизам со кој ќе бидат заштитени од, како што велат, ценовните манипулации на трговците и откупувачите. Улицата пред подрачната канцеларија на Министерството беше блокирана со неколку трактори.

Откупот на пиперката-ајварка годинава започна на почетокот на август. Земјоделците велат дека за разлика од минатата година, цените се пониски за околу 20 отсто, додека производствените трошоци се зголемени.

И Државниот завод за статистика објави податоци според кои цените на земјоделските производи годинава се пониски во споредба со јули минатата година, во услови кога трошоците за производство се повисоки.

ОД 25 НА 40 ДЕНАРИ Земјоделците издејствуваа повисока цена за ајварката

CATEGORIES
Share This