ТРЕТА РУНДА – КРАЈ Рустемовски го нокаутира противникот и ѝ донесе нов медал на Македонија
Македонскиот боксер доминираше во четвртфиналето во категоријата до 60 килограми и со технички нокаут обезбеди пласман во полуфиналето, каде ќе се бори за место во финалето и шанса за злато.

Македонскиот боксер Ален Рустемовски продолжува со одличните настапи на Медитеранските игри во Таранто, откако денеска обезбеди пласман во полуфиналето во категоријата до 60 килограми.
Рустемовски во четвртфиналето го совлада албанскиот репрезентативец Ариол Зенели, и тоа со технички нокаут во третата рунда.
Македонскиот боксер од самиот почеток на мечот имаше контрола над случувањата во рингот, наметнувајќи висок ритам и прецизни удари. Зенели не успеа да одговори на темпото на Рустемовски, а борбата беше прекината во третата рунда по серијата силни удари на македонскиот репрезентативец.
Со пласманот во полуфиналето, Рустемовски веќе има обезбедено најмалку бронзен медал за Македонија на Медитеранските игри.
Сепак, македонскиот боксер нема да се задоволи само со бронзата. За место во големото финале и шанса за златното одличје ќе се бори утре од 15:00 часот.
Противник на Рустемовски во полуфиналето ќе биде Шпанецот Марин Ернандез.

