ШПАНИЈА СО 250.000 ЕВРА За новите објекти на ФИНКИ и ФФОСЗ во Скопје
Грантот ќе биде дел од финансиската конструкција, а според МОН ќе придонесе за побрза реализација на проектот.

Министерството за образование и наука доби грант од 250 илјади евра од Кралството Шпанија, кој ќе биде дел од финансиската конструкција за изградба на новите објекти на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје во Скопје.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека финансиската поддршка ќе овозможи проектот за изградба на новите факултетски објекти да започне и да се реализира побрзо.
Договорот за грантот денеска беше потпишан со шпанскиот амбасадор Рафаел Сориано Ортиз и вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ) за целни земји, Томаш Бочек.
Јаневска изрази благодарност до Шпанија и ЦЕБ за поддршката и соработката во унапредувањето на образовната инфраструктура.
Според неа, модерната и квалитетна инфраструктура е еден од важните предуслови за обезбедување поквалитетни услови за образование.

