СЕНЗАЦИОНАЛНО ВО ИЗРАЕЛ Поранешен генерал станува најсериозна закана за Нетанјаху пред изборите
Ејзенкот од воен врв до политичка сцена, брз подем на популарноста.

Во Израел се заострува политичката трка пред парламентарните избори закажани за крајот на октомври, а како нов сериозен противкандидат на долгогодишниот премиер Бенјамин Нетанјаху се издвојува поранешниот началник на Генералштабот на ИДФ, Гади Ејзенкот.
Според најновите анкети, новата партија на Ејзенкот бележи значителен раст и веќе ја загрозува доминацијата на владејачкиот Ликуд. Ејзенкот минатата година ја основа партијата „Јашар“, која во почетокот имаше едноцифрена поддршка. Сепак, последните анкети покажуваат нагло зголемување на неговата популарност.
Според анкета на израелски Канал 12 „Јашар“ би освоила околу 21 место во Кнесетот, Ликуд на Нетанјаху би имал околу 23 места додека Алијансата на Нафтали Бенет и Јаир Лапид би освоила околу 18 места
Во одделно прашање за премиер, 38% од испитаниците го избрале Ејзенкот, додека 36% го поддржале Нетанјаху.
Растот на популарноста на Ејзенкот доведе до промена на комуникациската стратегија на Ликуд, кој во последните недели ја насочува кампањата директно против него. Партијата објавува видеа на социјалните мрежи во кои се тврди дека Ејзенкот би можел да формира влада со поддршка на арапските партии. Во една од објавите се користи и порака: „Нема Гади без Тиби“, алудирајќи на пратеникот Ахмад Тиби, придружена со видео генерирано со вештачка интелигенција.
Аналитичарите сметаат дека успехот на Ејзенкот делумно се должи на неговиот различен стил на лидерство. Додека Нетанјаху е познат по долгогодишното политичко искуство и конфронтативен настап, Ејзенкот се претставува како смирен, одмерен и воено ориентиран стратег. Тој е второ од девет деца на имигранти од Мароко и пораснал надвор од традиционалните политички центри во Израел, што дополнително го засилува неговиот имиџ како „антисистемски“ кандидат.
Ејзенкот ја предводеше израелската армија (ИДФ) од 2015 до 2019 година, по предлог на самиот Нетанјаху. Во политиката влезе во 2022 година, а по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година се приклучи на воениот кабинет на владата. Подоцна, заедно со Бени Ганц, го напушти кабинетот поради несогласувања околу водењето на војната во Газа.
Ејзенкот се истакна како еден од најгласните критичари на стратегијата на владата во конфликтот во Газа, предупредувајќи дека недостига јасен план за завршување на војната и ослободување на заложниците. Неговата лична приказна дополнително го привлече вниманието на јавноста и војната го погоди и неговото семејство, откако неговиот син беше убиен во борбите во 2023 година.
Со растот на неговата популарност, се засилуваат и нападите од страна на провладините медиуми и Ликуд. Во дел од кампањата се појавија видеа и критики за неговиот настап и воената кариера, што Ејзенкот ги отфрла и најавува можно правно дејствување. И покрај растечката поддршка, формирањето стабилна влада останува неизвесно, бидејќи евентуалните коалиции меѓу различни политички блокови би биле тешки за усогласување.
Аналитичарите оценуваат дека Ејзенкот претставува нов тип на предизвик за Нетанјаху и не само политички, туку и симболички, како негова воена и институционална спротивност.


