ПСИХОЛОГОТ ЕЛЕНА ЏЕБР ЗА ВОЛОНТЕРСТВОТО Платформата „Иднина која инспирира“ е простор за да направиме нешто што може да остави трага
Преку платформата се отвора можност секој што сака да придонесе да пронајде начин како својата идеја, енергија или време да ги насочи кон позитивни промени во општеството.

Секој ден гледаме проблеми што не можеме да ги решиме, вести што не можеме да ги промениме и ситуации врз кои немаме контрола, па почнуваме да веруваме дека нашата улога е само да набљудуваме. Токму затоа волонтерството е многу важно. Тоа нема да го реши секој проблем, но нè потсетува дека сè уште имаме влијание, сè уште можеме да придонесеме и дека не сме само публика во светот во кој живееме. Ваков е ставот на психологот Елена Џебр за личниот придонес на поединците кон заедницата кој го сподели на нејзиниот популарен инстаграм-профил, поттикната од платформата „Иднина која инспирира“ на компанијата dm drogerie markt.
Елена вели дека платформата „Иднина која инспирира“ ѝ влегла во срцето уште од првиот ден затоа што не бара совршени луѓе, ниту херои, туку создава простор секој од нас да направи нешто што може да остави трага. И затоа ги повикува тие што ја следат да се пријават на оваа платформата и да бидат доказ дека секој од нас може да направи разлика.
https://www.instagram.com/elena.djebr/?hl=en
Таа објаснува дека честопати сметаме дека за да се направи некаква разлика во заедницата, потребни се големи дела. Но, според неа, дури и некој мал чин може да донесе огромна промена, а тоа што некој само се појавил некаде, за друг може да биде доказ дека светот не е рамнодушен.
„Волонтирањето не го менува само оној којшто дава, туку и оној којшто прима. Кога си тука за некого, се намалува осаменоста, се смирува анксиозноста и почнуваш да чувствуваш поголема смисла и поврзаност. Стануваш дел од нешто поголемо од себе. Она што за тебе можеби е само еден мал дел, за некого може да биде токму она што му недостигало“ – вели Елена.
Пораката дека секој мал чекор може да биде почеток на голема промена е во сржта на платформата „Иднина која инспирира“. Токму затоа dm ја создаде оваа иницијатива, за да ги охрабри луѓето да не ја потценуваат моќта на сопствениот придонес, туку да се вклучат, споделат инспиративни искуства и да станат дел од заедница која заеднички создава подобра иднина. Преку платформата се отвора можност секој што сака да придонесе да пронајде начин како својата идеја, енергија или време да ги насочи кон позитивни промени во општеството.
Затоа, Елена повикува граѓаните да побрзаат и да се пријават на платформата бидејќи крајниот рок е 31 јули. На оваа платформа, поединците можат да споделуваат приказни за личните искуства со општествени ангажмани и да инспирираат други да го следат нивниот пример. Организациите, здруженијата или институциите, можат да пријават проекти на конкурс доколку тие вклучуваат волонтерски ангажман на граѓаните или јасно дефинирана можност за волонтерско учество. По завршувањето на конкурсот, стручна комисија ќе ги избере проектите што ќе добијат финансиска поддршка од dm, со цел добрите идеи да прераснат во конкретни активности што ќе донесат позитивни промени во заедницата.
Фокусот на оваа иницијатива е насочен кон три области што имаат потенцијал да создадат долгорочно позитивно влијание: поттикнување на солидарноста и активниот општествен ангажман, создавање еднакви можности преку инклузија, образование и личен развој, како и грижа за животната средина преку одговорно и одржливо дејствување.
„Еден ден сите ќе бидеме само приказна што некој ја раскажува за нас. Нека биде приказна што инспирира“ – вели психологот Елена во својот повик.


