СЕКОЈА ШЕСТА БАКТЕРИСКА ИНФЕКЦИЈА Е ОТПОРНА НА АНТИБИОТИЦИ Лековите што спасуваа животи сè помалку делуваат
Самолекувањето, земањето антибиотици без лекарска препорака и прекинувањето или неправилното спроведување на терапијата го забрзуваат ширењето на резистентните бактерии.

Лек што со години успешно лекувал бактериски инфекции, денес може да не даде никаков резултат. Пациентот ја зема пропишаната терапија, но инфекцијата не се повлекува, симптомите продолжуваат, а лекарите се соочуваат со сè помал избор на ефикасни лекови. Ова веќе не е само хипотетичко сценарио, туку сериозна закана за јавното здравје ширум светот.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), во 2023 година секоја шеста лабораториски потврдена бактериска инфекција била отпорна на антибиотиците што се користат за нејзино лекување. Станува збор за антимикробна резистенција – способност на микроорганизмите да преживуваат и да се размножуваат и покрај употребата на лекови што треба да ги уништат или да го запрат нивниот раст.
Особено загрижувачка е појавата на бактерии кои развиваат отпорност на повеќе различни антибиотици.
„Проблемот е особено изразен кога бактериите развиваат отпорност на повеќе различни антибиотици. Меѓу нив се и бактерии што одамна ни се познати, како ешерихија коли, стафилококи и клебсиела. Инфекциите што ги предизвикуваат може да станат многу комплицирани за лекување, бидејќи лекарите имаат сè помалку ефикасни терапевтски можности. Во одредени случаи, бактериите стануваат отпорни на речиси сите достапни антибиотици“, предупредуваат фармацевти.
Кога бактериите ќе развијат отпорност, лекувањето станува подолго и покомплицирано, а во одредени случаи инфекциите можат да станат и животозагрозувачки.
Како антибиотиците, кои со децении успешно лекуваа бактериски инфекции, стануваат сè помалку ефикасни? Една од главните причини е нивната прекумерна и неправилна употреба. Кога се употребува антибиотик, тој ги уништува бактериите што се чувствителни на него, но оние што имаат механизми на отпорност можат да преживеат и да продолжат да се размножуваат. Со текот на времето, отпорните бактерии стануваат сè позастапени, а механизмите на отпорност можат да ги пренесуваат и на други бактерии.
Особено загрижувачка е навиката граѓаните сами да си препишуваат терапија.
„Да земам антибиотик за настинката да не ми се спушти на белите дробови“, „Ми останаа неколку таблети од минатиот пат, можам да ги искористам“ или „На соседот му помогна овој антибиотик, можеби ќе ми помогне и мене“ се реченици што и денес често се слушаат, посочуваат фармацевтите.
Но, ваквиот пристап може да направи повеќе штета отколку корист.
Една од најчестите заблуди е дека антибиотиците помагаат при секоја инфекција. Фактите се поинакви: антибиотиците делуваат против бактерии, но не и против вируси. Тоа значи дека не можат да ја излечат обичната настинка или грипот. Нивното земање без медицинска потреба нема да го забрза закрепнувањето, но може да придонесе за развој на резистентни бактерии и да ја наруши природната рамнотежа на корисните микроорганизми во организмот.
„Важно е да се разбере и една честа заблуда: не станува човекот отпорен на антибиотик, туку бактериите. Тие потоа можат да се шират меѓу луѓето, што значи дека последиците од неодговорната употреба на антибиотици не ги сноси само лицето што ги зема, туку целата заедница“, предупредуваат фармацевтите.
Во борбата против антимикробната резистенција значајна улога имаат и фармацевтите, кои се меѓу првите здравствени работници со кои граѓаните се консултираат за употребата на лековите. Нивната задача не е само да објаснат како се зема одреден лек. Тие ги информираат пациентите за правилното спроведување на пропишаната терапија, можните интеракции со други лекови и храна, начинот на примена и несаканите ефекти.
Правилната употреба на антибиотиците подразбира тие да се земаат исклучиво по лекарска препорака и според добиените упатства. Не треба да се користат остатоци од претходни терапии, ниту да се споделуваат со други членови на семејството.
Светската недела на свесност за антимикробната резистенција е потсетник дека ефикасноста на антибиотиците не е загарантирана засекогаш. Нивната иднина зависи и од денешните навики на пациентите, одговорноста на здравствените работници и политиките на здравствените институции. Секоја непотребно употребена доза придонесува за проблем што не може да го реши само еден поединец.
Антибиотиците се едно од најголемите достигнувања на современата медицина, но ако продолжиме да ги користиме неправилно, ризикуваме да ги изгубиме токму тогаш кога ќе ни бидат најпотребни.

