ПЕСНАТА А БРЕ МАКЕДОНЧЕ НАПОЛНИ 85 ГОДИНИ Не е народна песна – еве кои се нејзините автори

За првпат била изведена во селото Царевиќ, непосредно по 11 Октомври 1941 година, како поттик за борбениот дух на македонските партизани.

ПЕСНАТА А БРЕ МАКЕДОНЧЕ НАПОЛНИ 85 ГОДИНИ Не е народна песна – еве кои се нејзините автори
Фото: Принтскрин

Култната македонска песна „А бре Македонче“, која со децении претставува симбол на македонскиот отпор, непокорот и националниот идентитет, одбележува 85 години од своето прво изведување. Песната за првпат одекнала во прилепското село Царевиќ, на првата ослободена територија од фашистичкиот окупатор, непосредно по 11 Октомври 1941 година.

Иако многумина ја доживуваат како традиционална народна песна, „А бре Македонче“ има познати автори. Создадена е во бурниот период на почетокот на Народноослободителната борба, со цел да го поттикне борбениот дух на македонските партизани. Нејзини автори се Крсте Црвенкоски, писателот Коле Чашуле и музикологот Ордан Михајлоски – Оцка.

Во изминатите 85 години песната доживеала бројни изведби и музички аранжмани, станувајќи неизоставен дел од македонската културна и музичка традиција. Таа е дел и од првиот македонски филм „Фросина“, а со години се користела и во најавните шпици на Македонската радио-телевизија. Денес редовно се пее на празнични и свечени пригоди, а нејзините стихови продолжуваат да будат силни емоции кај различни генерации.

Текстот на „А бре Македонче“ низ годините претрпел одредени корекции, но нејзината основна порака останала непроменета – да го подигнува духот, да поттикнува чувство на припадност и да го потврдува македонскиот идентитет. И по 85 години, песната продолжува да биде повеќе од музичко дело: сведоштво за едно историско време и симбол на стремежот за слобода и зачувување на македонското име.

„Македонско име нема да загине“ – пораката што одекнала во 1941 година и денес останува дел од колективната меморија на македонскиот народ.

CATEGORIES
Share This