СЕ ЗАВИСИ ОД АМЕРИКА – Го завршивме нашиот дел, велат од Иран
Иран тврди дека ја исполнил својата улога во преговорите и чека одговор од Вашингтон.

Иран го заврши својот дел во преговорите со Соединетите Американски Држави, а топката сега е во американскиот двор, изјави денес заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади.
„Иран го претстави својот план на Пакистан како посредник со цел трајно завршување на наметнатата војна, а сега топката е во американскиот двор да го избере патот на дипломатијата или да продолжи со конфронтацискиот пристап“, рече Гарибабади.
Тој нагласи дека Иран отсекогаш верувал во дипломатијата базирана на интереси за решавање на постојните проблеми, објавува Ал Џезира.
Тој додаде дека Иран е подготвен за двете опции, како и дека „ќе го одржи песимизмот и недовербата кон САД, како и својата искреност на патот кон дипломатијата“.
Во петокот, Иран достави нов предлог за преговарачка рамка до Пакистан, кој е посредник во процесот на мировни разговори меѓу Техеран и Соединетите Американски Држави.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјави дека завршувањето на војната и постигнувањето траен мир се приоритет на Техеран во разговорите со Вашингтон.
Двонеделно примирје меѓу Иран, САД и Израел беше воспоставено на 7 април за да се олесни дипломатското решение, а подоцна беше продолжено на неодредено време.
Преговорите меѓу Техеран и Вашингтон се одржаа на 11 април во Исламабад, со учество на делегации предводени од претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Калибаф и потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, но без постигнување договор.
