АКАДЕМСКИ СКАНДАЛ – Сомнежи за нерегуларности во избор на редовен професор

Извештај на Државниот просветен инспекторат во центар на вниманието.

АКАДЕМСКИ СКАНДАЛ – Сомнежи за нерегуларности во избор на редовен професор
Фото: Принтскрин

Форумот за образовни промени од Тетово излезе со тврдења дека професорка на Државниот универзитет во Тетово наводно незаконски се стекнала со звање редовен професор на Медицинскиот факултет. Обвинувањата се засноваат на извештај од Државниот просветен инспекторат, добиен преку барање за пристап до информации од јавен карактер, по спроведен инспекциски надзор во периодот од 8 до 15 април годинава.

Според изјавата на Бленди Ходаи од Форумот, станува збор за Арбреша Беџети Ферати, која работи на Медицинскиот факултет и е сопруга на претседателот на Сенатот на Универзитетот во Тетово. Тој наведува дека, според извештајот, таа била унапредувана спротивно на повеќе законски и статутарни одредби, со учество на неколку универзитетски тела, меѓу кои Наставно-научниот совет, Сенатот и Рецензентската комисија.

Во 2022 година, како што се тврди, Сенатот ѝ го признал звањето вонреден професор стекнато во Белград без соодветна проверка на законските услови. Потоа, кон крајот на 2025 година, деканот на Медицинскиот факултет наводно распишал конкурс за избор во редовен професор без јасна законска надлежност, со неправилности во објавувањето и дефинирањето на научните области.

Дополнително, Форумот наведува дека и составот на Рецензентската комисија бил спорен, бидејќи, според нив, членовите не биле соодветно профилирани за областа за која се вршел изборот. Исто така се изнесуваат тврдења дека кандидатката не приложила доказ за завршен втор циклус на студии и дека постоеле проблеми со рефератот врз основа на кој била донесена одлуката.

Форумот за образовни промени смета дека не станува збор за изолиран случај, туку за системски проблем, и бара поништување на изборот, дополнителна истрага од Просветниот инспекторат за претходните унапредувања, како и разрешување на претседателот на Сенатот на Универзитетот додека не се расчисти случајот.

CATEGORIES
Share This