СЕ ЗАБРЗУВА ГАСОВОДОТ КОН ГРЦИЈА Цевки веќе се поставуваат, Македонија добива нов енергетски правец

Завршени се 95% од експропријацијата и поставени се над 6 километри цевковод, а проектот треба да биде готов следната година.

СЕ ЗАБРЗУВА ГАСОВОДОТ КОН ГРЦИЈА Цевки веќе се поставуваат, Македонија добива нов енергетски правец
Фото: Принтскрин

Изградбата на гасоводниот интерконектор меѓу Македонија и Грција влегува во поинтензивна фаза, откако е забрзана реализацијата на проектот на терен. Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информираат дека активностите се одвиваат со засилено темпо по координацијата со НОМАГАС и грчкиот оператор ДЕСФА.

Министерката за енергетика Сања Божиновска, заедно со претставници на институциите и партнерските компании, изврши увид во градежните работи на трасата, каде што беше информирана за досегашниот напредок и мерките за дополнително забрзување на изградбата.

Според податоците од изведувачот, досега се завршени 95 проценти од процесот на експропријација, а расчистени се околу 85 проценти од трасата. Произведени се сите цевки предвидени за проектот, при што се испорачани материјали за 34 километри гасовод, од кои 21 километар веќе се распоредени долж трасата.

На терен веќе се заварени 13,7 километри цевковод, реализирани се повеќе од 800 заварувања, а над 6,3 километри цевки се поставени во земја. Завршени се и шест од седумте планирани премини под патишта, додека обезбедени се околу 65 проценти од потребните придружни објекти.

Дополнително, изведувачот е опремен со нови автоматски машини за заварување, што треба да придонесат за уште побрзо одвивање на градежните активности и исполнување на предвидената динамика.

Од Министерството велат дека на состаноците со раководствата на НОМАГАС и ДЕСФА е потврдена заложбата за тесна координација и реализација на проектот во планираните рокови. Очекувањето е интерконекторот да биде завршен во текот на следната година.

„Проектот е од стратешко значење за енергетската безбедност, економската стабилност и идниот развој на државата. Работиме на негово квалитетно и навремено завршување со максимално забрзана динамика“, изјави Божиновска.

Гасоводниот интерконектор со Грција треба да обезбеди нова точка за влез на природен гас, поголема разновидност на изворите за снабдување и подобро поврзување на земјата со регионалната и европската енергетска мрежа.

CATEGORIES
Share This