БУМ НА ИНТЕРЕСОТ ЗА СМЕТКОВОДСТВО Средношколците и студентите ја избираат професијата на иднината
По зголемениот број запишани студенти, годинава и средношколците покажаа голем интерес за сметководствените насоки – професија која се менува со дигитализацијата и новите технологии.

Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) го поздравува зголемениот интерес на младите за образование и професионален развој во областа на сметководството. По значителниот пораст на бројот на запишани студенти на студиските програми по сметководство и ревизија во изминатата година, позитивен тренд се забележува и кај средношколците.
Во првиот уписен рок годинава, во повеќе средни економски училишта се исполнети предвидените места за сметководствените насоки, што, според ИСОС, е показател дека младите сè повеќе ја препознаваат вредноста и перспективите што ги нуди оваа професија.
Од Институтот упатуваат повик до сите општествени чинители да придонесат кон унапредување на угледот и атрактивноста на сметководствената професија. Како професија која обезбедува доверба во финансиското известување, транспарентност во работењето и стабилност на економскиот систем, сметководството заслужува поголема афирмација и поддршка.
Дополнителен позитивен сигнал е очекувањето дека и студиските програми по сметководство и ревизија на економските факултети ќе привлечат уште поголем број студенти. Од ИСОС посочуваат дека современото сметководство одамна не се сведува само на обработка на податоци, туку станува професија која се развива заедно со дигиталната трансформација, примената на вештачката интелигенција и новите технологии.
Денешниот сметководител има сè поширока улога, од анализа на финансиски информации до советување на компаниите и поддршка при донесување стратешки деловни одлуки.
ИСОС континуирано соработува со економските факултети и средните економски училишта со цел развој на практични програми и приближување на професијата до младите. Институтот ја поддржа и студентската иницијатива за поткастот „Повеќе од само бројки“, преку кој студентите ја претставуваат сметководствената професија пред своите врсници.
Од Институтот нагласуваат дека интересот на младите е од особено значење за обезбедување континуитет, квалитет и понатамошен развој на професијата, која претставува еден од столбовите на стабилното финансиско известување и економскиот напредок.
„Сметководството не е само дел од економијата, тоа е нејзин важен двигател и гарант на финансиската транспарентност. Зад секој платен данок, исплатена плата, реализирана инвестиција и финансиски извештај стојат знаењето, професионалноста и интегритетот на сметководителите“, посочуваат од ИСОС.
Институтот на сметководители и овластени сметководители, како единствена професионална организација со јавни овластувања во оваа област, обединува повеќе од 6.000 сметководители и овластени сметководители.
Неодамна, Институтот стана членка на CFE Tax Advisors Europe, најголемата организација на даночни советници во Европа, а една од неговите стратешки цели останува стекнување полноправно членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC).
Членството во IFAC би значело дополнително зајакнување на меѓународната позиција и кредибилитетот на македонската сметководствена професија, како и пристап до најдобрите светски практики, современите професионални стандарди и глобалните трендови во развојот на сметководството.


