НАЈМАЛКУ 12 ЛИЦА ЗАГИНАТИ ВО ПОЖАРОТ ВО АНДАЛУЗИЈА 23 лица се водат како исчезнати
Огнената стихија кај Алмерија се ширела со голема брзина поради силниот ветер, а властите истражуваат дали пожарот бил предизвикан од пад на далновод.

Најмалку 12 лица загинаа во разорниот шумски пожар што ја зафати Андалузија, на југот на Шпанија, а властите стравуваат дека бројот на жртви може дополнително да се зголеми. Во исто време, најмалку 23 лица се водат како исчезнати.
Пожарот избувнал во четвртокот вечерта во близина на Алмерија, а првичните информации за бројот на загинати постојано се менувале, од шест, на единаесет, а потоа на 12 жртви. Според властите, уште 19 лица се наоѓале во погодената зона и по нив се трага, додека дел од шпанските медиуми објавија дека бројот на исчезнати достигнал 23.
Претседателот на регионалната влада на Андалузија, Хуан Мануел Морено, изјави дека првичните проценки укажуваат оти пожарот можеби бил предизвикан од пад на столб од далновод покрај автопатот N340. Сведоштвата од местото на несреќата укажуваат на драматични сцени. Дел од жртвите биле заробени во своите автомобили во близина на градот Бедар, додека други настрадале додека се обидувале пеш да избегаат од огнената стихија.
Четири лица биле пронајдени во целосно изгорено возило, а од група од девет луѓе кои се обидувале да поминат низ зафатената зона со пожар, седум загинале. Само двајца успеале да преживеат. Градоначалникот на Бедар, Анхел Франциско Коладо, изјави дека дел од жителите претходно ги предупредувале луѓето од групата да се засолнат во своите домови, но тие сепак продолжиле да се движат низ опасната зона.
Властите наведуваат дека повеќето од жртвите, а можеби и сите, се странски државјани. Се претпоставува дека меѓу нив има Британци и Белгијци, но официјалната идентификација сè уште трае. Имињата на жртвите ќе бидат објавени по завршувањето на истрагата. Шпанскиот премиер Педро Санчез изрази длабока жалост поради трагедијата и упати сочувство до семејствата на загинатите, повикувајќи ги граѓаните на максимална претпазливост.
Пожарот се проширил со огромна брзина поради силниот ветер и сувата вегетација, зафаќајќи големи шумски површини покрај патот. Спасувачките екипи се соочуваат со исклучително тешки услови поради непристапниот терен, а дополнителен ризик претставува можната промена на правецот на ветерот.


