СЕ ВРАЌА БОГДАНОВИЌ Поранешниот градоначалник на Центар со нова партија
На 9 октомври Српската демократска лига ќе го одржи првиот изборен Конгрес во Скопје, а Богдановиќ најавува политичко делување отворено за граѓани од сите етнички заедници.

Поранешниот градоначалник на Општина Центар и поранешен функционер на СДСМ, Саша Богдановиќ, се враќа на политичката сцена со нов политички субјект – Српска демократска лига.
Партијата на 9 октомври 2026 година ќе го одржи својот прв изборен Конгрес, со почеток во 18 часот, во Малата сала на Филхармонијата во Скопје. На свечениот дел пред присутните ќе се обрати претседателот на партијата, Саша Богдановиќ, а најавени се и поздравни обраќања на гости и партнери.
Богдановиќ беше градоначалник на Општина Центар од 2017 до 2021 година, откако на локалните избори во 2017 година беше избран како кандидат на СДСМ. Претходно ја предводеше општинската организација на СДСМ во Центар и беше директор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
Формирањето на Српската демократска лига Богдановиќ го најави уште во март годинава, кога соопшти дека ќе биде нејзин претседател. Тој тогаш посочи дека името на партијата се поврзува со политичкото организирање на Србите на овие простори од почетокот на минатиот век.
Во интервјуто дадено во март, Богдановиќ нагласи дека новата партија нема да биде насочена исклучиво кон припадниците на српската заедница, туку ќе настојува да привлече поддршка од граѓани од сите етнички заедници.
Со првиот изборен Конгрес, Српската демократска лига треба официјално да ги претстави своите партиски структури и да го дефинира понатамошното политичко делување.

