СЕ СРЕТНАЛА СО ТИТО, А ПОТОА ТВРДЕЛА ДЕКА БИЛА ОТРУЕНА Неверојатната животна приказна на Оливера Катарина
Една од најубавите и најпознати жени на поранешна Југославија зад себе остави бурен живот исполнет со светска слава, големи љубови и шокантни сведоштва за средбите со Јосип Броз Тито.

Оливера Катарина, една од најпознатите југословенски актерки и пејачки, почина на 87-годишна возраст. Во текот на својата богата кариера таа успеа да стекне меѓународна слава, а нејзината впечатлива убавина и талент ја направија препознатлива и надвор од границите на поранешна Југославија.
Родена на 5 март 1940 година во Белград како Оливера Петровиќ, во јавноста беше позната и како Оливера Вучо, а подоцна кариерата ја продолжи под името Оливера Катарина.
Нејзиниот живот беше исполнет со бројни љубови, бракови, професионални успеси, но и со приказни кои со години предизвикуваа внимание. Во својата автобиографија, но и во интервјуа, таа раскажуваше за своите средби со поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито.
Првиот пат, според нејзиното сведоштво, го сретнала за време на снимањето на филмот „Нишка Бања“. Тито наводно седнал пред камерата и ја гледал додека ја снимале. Втората средба се случила за време на новогодишна прослава, кога, како што раскажувала Оливера, ѝ било пренесено дека Тито сака да му пее. Таа тврдела дека во таква ситуација немало простор за одбивање.
„Секогаш реагираше добро кога пеев и му се допаѓав како појава“, раскажувала таа, додавајќи дека еднаш слушнала како Јованка Броз му кажала на Тито: „Еве ја“.
Оливера Катарина во своите сведоштва зборувала и за трета средба, која, според неа, била многу непријатна. Таа тврдела дека била повикана да пее за Тито на Тара и дека во текот на престојот била под силен притисок од различни безбедносни служби. Според нејзиното тврдење, од неа било барано да пее кога Тито ќе оди на прошетка, а ситуацијата ја опишувала како сериозно малтретирање. Уште посериозни биле нејзините тврдења дека за време на престојот била отруена.
„Таму ме отруја. Ми дадоа нешто од кое добив рани во устата. Грлото, устата, сè ми беше во рани. Ме хранеа капка по капка. Не знам кој точно ме отру“, изјавила таа во една прилика.
Нејзиниот приватен живот исто така бил исполнет со познати имиња. По врската со ватерполистот Милан Галет Мушкатировиќ, кој го опишувала како својата прва голема љубов, се омажила за режисерот Вук Вучо. Нивниот брак траел две години. Подоцна, седум години била во врска со Ратко Дражевиќ, а потоа стапила во брак со Миладин Шакиќ, со кого го добила синот Манет. Во последните години од животот, Оливера Катарина често зборувала за осаменоста. Таа открила дека долго време немала партнер и дека живеела повлечено, далеку од јавноста. Домашните медиуми со години известуваа и за нејзината тешка финансиска состојба, а во 2013 година ја добила националната пензија.
„Сама сум во четири ѕида, заборавена од повеќето мои пријатели и колеги. Сепак, го зачував моето достоинство и не сум депресивна. Нема никого да молам“, изјавила Оливера Катарина.
Зад себе остави кариера која ја одбележаа филмските улоги, музиката и настапите на големите светски сцени, но и животна приказна исполнета со љубови, слава и контроверзни сведоштва кои и денес го привлекуваат вниманието на јавноста.


