СЕ ОГЛАСИ ОБВИНИТЕЛСТВОТО – Сѐ е според законот, Груби мора дома, опасно е за него во Шутка
Апел за воздржаност во коментарите, јавното обвинителство ги повикува граѓаните да ја почитуваат законската постапка.

Јавното обвинителство денеска преку соопштение ја информира јавноста дека како единствен и самостоен орган, при одлучувањето и предлагањето мерки за обезбедување, се води исклучиво од законските основи.
Во врска со реакциите на јавноста за мерката куќен притвор определена за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“, обвинителството нагласува:
Според Законот за кривична постапка, куќниот притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е притворска мерка која не се издржува во затвор само затоа што постојат специфични услови. Во конкретниот случај, таквите услови беа исполнети, бидејќи надлежните органи и МВР и АНБ проценија дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на осомничениот. Деталите за овие загрозувања беа презентирани пред судијата на претходната постапка.
Обвинителството истакнува дека осомничениот е обезбеден и дека за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за проневера во службата (член 354 од Кривичниот законик). Спроведена е финансиска истрага и обезбедени се најголем дел од потребните докази, кои веќе се достапни за увид на одбраната.
„Надлежните јавни обвинители постапуваат одговорно и во согласност со законските надлежности. Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста, но апелира за воздржаност во коментарите за да се овозможи ефикасна и правична постапка, се наведува во соопштението.
Поранешниот прв вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Артан Груби (48), вчера наутро беше приведен на граничниот премин Блаце, по повеќе од една година помината во бегство.
„На 23.2.2026 година, во 6:10 часот, на граничниот премин Блаце, при влез во државата, Груби беше лишен од слобода. Тој беше баран со меѓународна потерница за спроведување истрага за кривично дело по член 354 став 5 во врска со став 3 и став 1, како и член 22 од Кривичниот законик, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Груби се сомничи за проневера во „Државната лотарија“, заедно со Перпарим Бајрами, за наводен криминал вреден околу осум милиони евра, поврзан со набавка на ВЛТ-апарати.


