СЕ Е ДОКУМЕНТИРАНО – Кедев тврди дека постојат цврсти докази за злоупотреби во кардиохирургијата
Тој заклучи дека разликувањето меѓу „сива зона“ и случаи каде несомнено нема потреба од интервенција е клучно: „Сè се документира преку ангиографски снимки, и тие докази можат да ги оценат само компетентни експерти.

Кардиологот Сашко Кедев повторно ја потврди својата позиција околу злоупотребите при кардиохируршки интервенции, нагласувајќи дека целосно стои зад своите изјави. Тој потсети дека и во минатото предупредувал за вакви неправилности, но овој пат неговите тврдења предизвикаа силни реакции во јавноста и доведоа до формирање комисии од домашни и странски експерти.
Во гостување на ТВ Алфа, Кедев оцени дека системот сега реагирал правилно – со анализа на сомнителните случаи од Клиниката за кардиологија и Државната кардиохирургија. Целта, според него, е да се воведе поголема контрола и да се подобри здравствениот систем во кој моментално се вложува најмногу.
„Сведоци сме на рекордни инвестиции во здравството, но граѓаните не ги чувствуваат придобивките. Потребна е системска контрола за да се спречат злоупотребите. Овој пат имам поддршка од јавноста и институциите, што е охрабрувачко“, истакна Кедев.
Тој смета дека контролите мора да опфатат и јавно и приватно здравство, а наодите да бидат потврдени и од меѓународни експерти.
Кедев откри дека информациите што ги сподели со Министерството за здравство се резултат од заеднички заклучоци на 16 експерти – кардиолози и кардиохирурзи. „Не се работи само за мои сознанија, туку за пошироки професионални согледувања. Нашата професија е егзактна, лесно е да се утврди дали некоја интервенција е оправдана или не,“ додаде тој.
Според него, многу пациенти може да се третираат со конзервативен пристап – здрав животен стил и медикаментозна терапија, без агресивни операции. „Секако дека постојат случаи кога е неопходна хируршка интервенција, но мора да имаме сигурност дека тоа е најдоброто за пациентот“, нагласи Кедев.
Тој заклучи дека разликувањето меѓу „сива зона“ и случаи каде несомнено нема потреба од интервенција е клучно: „Сè се документира преку ангиографски снимки, и тие докази можат да ги оценат само компетентни експерти.“


