САМУИЛОВАТА ТВРДИНА ДОБИВА НОВ ЖИВОТ – Ќе се претвори во културен спектакл

Тврдината ќе добие летна сцена за концерти и театарски претстави.

САМУИЛОВАТА ТВРДИНА ДОБИВА НОВ ЖИВОТ – Ќе се претвори во културен спектакл
Фото: Принтскрин

Самуиловата тврдина во Охрид, како еден од најважните симболи на историјата и културното наследство на градот, ќе биде предмет на ревитализација, заштитни интервенции и нови археолошки истражувања на локалитетот Манчевци.

Министерот за култура и туризам, при вчерашната посета на локалитетот, истакна дека заштитата и промоцијата на Охрид и неговата културно-историска целина, која е дел од светското наследство, останува еден од главните приоритети на министерството. Тој посочи дека во рамки на работната посета, заедно со директорот на Заводот и музеј Охрид, бил извршен увид на состојбата на Самуиловата тврдина.

Според најавите, во 2026 година, кога Заводот и музеј Охрид одбележува 75 години од своето постоење, за програмата за заштита на недвижното културно наследство се предвидени 11.520.000 денари.

Министерот додаде дека тврдината, како значаен историски и културен споменик, ќе добие нова содржина преку проект за ревитализација кој е во завршна фаза на изработка. Проектот опфаќа дополнителни археолошки истражувања, поставување нова осветленост и уредување на просторот, како и изградба на летна сцена. Со тоа се планира повторно оживување на традицијата за одржување театарски претстави, концерти и други културни настани.

Во однос на археолошкиот локалитет Манчевци, каде се истражува ранохристијанска базилика со мозаици од 2007 година, министерството издвоило средства за дополнителни истражувања, изградба на потпорен ѕид и премостување. Целта е да се обезбедат подобри услови за заштита, презентација и пристап до ова значајно културно добро.

Самуиловата тврдина се смета за едно од најзначајните и најдобро зачувани утврдувања во Македонија. Нејзината историја датира уште од античкиот период, кога Охрид бил познат како Лихнид, а низ вековите тврдината била користена и обновувана од Римјаните, Византија и подоцна од Самуиловото Царство, кога Охрид станал важен средновековен центар. По османлиското освојување, градот се проширил надвор од тврдинските ѕидини.

CATEGORIES
Share This