РУСИЈА БЕЗ РАБОТНА СИЛА Дали ова е почеток на економски крах?

Невработеноста на историски минимум, но економијата се соочува со сериозен структурен проблем.

РУСИЈА БЕЗ РАБОТНА СИЛА Дали ова е почеток на економски крах?
Фото: Принтскрин

Русија се соочува со сè поизразен недостиг на работна сила, што според експертите може да претставува сериозен товар за нејзиниот економски развој во наредните години. Комбинацијата од демографско стареење и последиците од војната во Украина значително го намалува бројот на достапни работници.

И покрај тоа што претседателот Владимир Путин често ја истакнува ниската стапка на невработеност од околу 2,2 проценти и една од најниските во светот, аналитичарите предупредуваат дека тоа всушност покажува дека пазарот на труд е речиси целосно „исцрпен“ и без значаен простор за понатамошен раст на вработеноста.

Вицепремиерот Александар Новак изјави дека вработеноста во земјата го достигнала својот максимум и дека практично нема преостанати резерви на работна сила. Слични предупредувања доаѓаат и од гувернерката на Централната банка, Елвира Набиулина, која истакнува дека Русија никогаш досега не се соочила со толку сериозен недостиг на работници.

Проценките покажуваат дека моментално недостигаат околу 1,5 милиони работници за стабилизирање на пазарот, додека деловните здруженија предвидуваат дека до 2030 година овој дефицит може да достигне и до 3 милиони.

Дури и евентуален крај на конфликтот во Украина не би го решило проблемот, бидејќи клучниот фактор останува неповолната демографска слика. Работоспособното население се намалува со години, а според податоци од Министерството за труд, моментално изнесува околу 74 милиони луѓе.

Особено загрижувачки е падот на бројот на млади работници, што е последица на нискиот наталитет во 1990-тите години. Иако зголемувањето на возраста за пензионирање во 2019 година привремено ги ублажи последиците, тоа истовремено придонесе за понатамошно стареење на работната сила.

Дополнително, бројот на странски работници мигранти е намален за околу еден милион од почетокот на 2022 година, што е поврзано со построгите миграциски политики.

Економистите предупредуваат дека екстремно ниската невработеност сега повеќе не е предност, туку ограничување, бидејќи недостигот на работници го забавува производството во сите сектори. Воедно, побрзиот раст на платите во однос на продуктивноста дополнително ја усложнува борбата против инфлацијата.

CATEGORIES
TAGS
Share This