РОКАС ЈА ПОВТОРИ ПОРАКАТА Или Бугарите во Устав или нема ЕУ за Македонија
Амбасадорот Михалис Рокас во Собранието го претстави извештајот на Европската комисија, во кој се бара усвојување на уставните амандмани и посилна борба против корупцијата.

Во македонското Собрание, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, го презентираше годишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите.
Во документот се нотира дека земјата сè уште не ги усвоила уставните амандмани со кои треба да се вклучат во Уставот граѓаните што не претставуваат мнозинство, меѓу кои и Бугарите – обврска што Македонија ја презеде во рамки на европскиот процес.
Извештајот повторно го нагласува ставот за потребата од искрено и доследно спроведување на сите билатерални договори – Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Европската комисија укажува дека Македонија треба да ги засили напорите за зајакнување на владеењето на правото, независноста и интегритетот на судството, како и во борбата против корупцијата. Во овој сегмент е забележан „ограничен напредок“.
Сепак, Комисијата констатира дека е постигнат значителен напредок во спроведувањето на реформите од Реформската агенда, што се потврдува и со исплатата на две транши финансиски средства во рамките на Планот за раст на Западен Балкан.
„Македонските власти продолжија со имплементација на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација, функционирањето на демократските институции и Акцискиот план за заштита на малцинствата,“ стои во извештајот.
Како позитивен чекор се издвојува формирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, а се бележи и одреден напредок во медиумскиот плурализам, слободата на изразување и работата на медиумите.
Извештајот истакнува дека Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија и дека се приклучи на Конвенцијата за заеднички транзит, чија цел е забрзување на движењето на стоки преку границите.
Овој документ е дел од пакетот извештаи за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ за 2025 година, што Европската комисија го претстави пред членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Врз основа на извештаите, европратениците ќе изготват соодветни резолуции.


