МИЦКОСКИ ОД БРИСЕЛ Македонија и по 25 години е на истото место – не поради реформите, туку поради вештачки пречки

Промената на Уставот, според премиерот, не е последната пречка – туку дел од „вештачки наметнат процес“.

МИЦКОСКИ ОД БРИСЕЛ Македонија и по 25 години е на истото место – не поради реформите, туку поради вештачки пречки
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски на Самитот за проширувањето на Европската унија во Брисел, организиран од „Еуроњуз“, порача дека по две и пол децении од почетокот на европскиот пат, Македонија и натаму стои на истото место не поради неисполнување на критериумите од Копенхаген, туку поради „вештачки создадени причини“.

Мицкоски потсети дека земјата го започна процесот кон ЕУ пред 25 години, со потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, а кандидатскиот статус го доби во 2005 година заедно со Хрватска. Иако во 2009 година двете држави добија позитивен извештај за почеток на преговорите, денес Македонија, за разлика од Хрватска, останала на истата почетна точка.

„Не е тоа поради Копенхашките критериуми, туку поради вештачки создадени пречки – нашето знаме, името на државата, промените во Уставот. И повторно сме пред ново ограничување за уште една уставна промена“, истакна премиерот.

Тој нагласи дека, и покрај сите понижувања и разочарувања, Македонија и натаму верува во европската перспектива.

„Ние сме дел од европскиот континент и веруваме дека интеграцијата на Западниот Балкан е додадена вредност за самата Унија. Иднината на Македонија и на Македонците е во ЕУ,“ рече Мицкоски.

Осврнувајќи се на Преспанскиот договор, Мицкоски потсети дека тогаш земјата била уверувана дека решавањето на спорот со Грција ќе ја отвори вратата за членство во НАТО и во ЕУ во рок од неколку години.

„Тие четири или пет години поминаа пред две години, а ние сме повторно на почеток – сега со нова пречка, нова уставна промена,“ нагласи премиерот.

Тој објасни дека суштината на уставните измени е вклучување на бугарската заедница во Преамбулата, иако, како што рече, станува збор за неколку стотици граѓани.

„Зошто да ги внесеме во Уставот? Ако зборуваме за прекршување на човекови права, тоа треба да го утврди Европскиот суд за човекови права во Стразбур,“ истакна Мицкоски.

Тој посочи дека токму тој суд има донесено 14 пресуди во корист на македонската заедница во Бугарија, а ниту една за бугарската заедница во Македонија, што, според него, отвора прашања за двојните стандарди и за односот кон македонското малцинство во Бугарија.

„Бугарија е во ЕУ, ние сме надвор. Ова е еден вид ‘булинг’. Но во ред, само да знаеме дали ова е последната цена што треба да ја платиме,“ додаде тој.

Мицкоски предупреди дека доколку ЕУ дозволи злоупотреба на правото на вето, тоа ќе создаде преседан што може да ги наруши основните принципи и вредности на Унијата.

„ЕУ треба да се запраша дали едногласноста е во согласност со нејзините темели. Очигледно, системот се злоупотребува и затоа и по 25 години сме на истото место,“ оцени тој.

И покрај сите пречки, премиерот нагласи дека поддршката на македонските граѓани за членството во ЕУ останува меѓу највисоките во регионот, иако многу млади ја напуштиле земјата поради разочараност и чувство на безнадежност.

„Нашата судбина, како мала држава, е да ја завршиме домашната задача, да создадеме стабилна економија, да ги вратиме младите и да покажеме резултати што ќе ја импресионираат ЕУ. Тогаш можеби и Унијата ќе каже – доста е,“ порача премиерот.

На крајот, Мицкоски истакна дека новата Влада веќе постигнува забележлив економски напредок – најголем раст на БДП во последните години, ниска инфлација и стабилна макроекономија.

„Луѓето се враќаат дома, што е добар и охрабрувачки знак,“ заклучи тој.

CATEGORIES
TAGS
Share This