РКЕ ДЕНЕСКА ОДЛУЧУВА Дизелот поевтинува за 7, бензините за 4 денари
Според најавите на премиерот Мицкоски, новата пресметка на РКЕ треба да донесе значително намалување на цените на горивата.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска ќе донесе одлука за новите цени на горивата во Македонија, а според најавите се очекува значително намалување на малопродажните цени на нафтените деривати.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека, според актуелните пресметки, цената на еуродизелот би можела да се намали за околу 7 денари по литар, додека бензините Еуросупер-95 и Еуросупер-98 се очекува да поевтинат за приближно 4 денари по литар.
Намалувањето доаѓа како резултат на падот на цените на суровата нафта на светските пазари и постепеното смирување на глобалните енергетски и геополитички тензии.
„Со финализирањето на кризата очекуваме пазарите да влезат во помирни и попредвидливи води. Нашите проекции се дека до крајот на годината просечната цена на барел сурова нафта ќе се движи меѓу 70 и 80 долари“, изјави Мицкоски.
Доколку најавите се потврдат, ова ќе биде едно од поголемите поевтинувања на горивата во последниот период, што ќе донесе директно олеснување за домашните буџети, но и за транспортниот и стопанскиот сектор.
Официјалната одлука на РКЕ се очекува во текот на денот, а новите цени ќе стапат во сила од полноќ.
ЌЕ СЕ ИЗРАДУВААТ СИТЕ ВОЗАЧИ Следува драстичен пад на цените на пумпите


