РЕВОЛУЦИЈА ВО ЕНЕРГЕТИКАТА ВО СЛОВЕНИЈА Граѓаните ќе си „позајмуваат“ струја меѓусебно
Системот ќе важи и за различни градови и региони низ Словенија.

Словенија од јули годинава воведува нов модел за споделување на електрична енергија кој би можел значително да ги намали сметките за струја и да го подобри користењето на енергијата од соларни извори.
Според новите правила, домаќинствата што поседуваат фотоволтаични системи ќе можат вишокот произведена електрична енергија да го распределуваат на други потрошувачи и без разлика дали се работи за членови на семејството, пријатели или лица кои живеат во други делови од земјата.
Во пракса, тоа значи дека, на пример, родители кои имаат соларна електрана во Марибор ќе можат вишокот енергија да им го пренесат на своите деца кои студираат во Љубљана, со што директно би се намалиле нивните месечни трошоци за електрична енергија.
Системот ќе функционира преку административна распределба на произведената енергија во интервали од 15 минути. По договор меѓу производителот и корисникот, распределбата ќе се регистрира преку националната платформа „Мој Електро“.
Важно е да се нагласи дека електричната енергија физички нема да се пренесува од едно до друго место. Наместо тоа, ќе се евидентира произведениот вишок и неговата распределба, по што таа количина ќе се пресметува како намалување на сметката на крајниот корисник.
Досега, вишокот од соларните системи автоматски се враќаше во електроенергетската мрежа, но со новите измени тој ќе може директно да се распределува меѓу потрошувачите, дури и ако се во различни градови или региони.
Дополнително, моделот отвора можност сопствениците на соларни електрани да ја продаваат енергијата по цена што самите ќе ја договорат со купувачите.
Регистрацијата за системот започнува во јуни, а неговата примена е планирана од јули, според објави на платформата „Klima 101“.
Експертите оценуваат дека ова претставува значаен чекор кон децентрализација на енергетскиот систем, поефикасно користење на обновливите извори и намалување на трошоците за домаќинствата.
Моделот веќе привлекува внимание и во регионот, бидејќи се смета за потенцијален пример како соларната енергија може да стане ресурс што граѓаните меѓусебно ќе го споделуваат, наместо само да го предаваат во мрежата.
