РЕКОА НЕ НА ЕУ: ИСЛАНЃАНИТЕ ПОРАЧАА Економските и националните проблеми сами ќе си ги решаваме надовр од ЕУ
И покрај зголемените геополитички тензии и заканите на Доналд Трамп во врска со Гренланд, мнозинството Исланѓани одлучи дека земјата треба самостојно да ги решава своите економски и национални прашања.

Желбата да го зачуваат националниот суверенитет се покажа посилна од аргументот дека членството во Европската Унија би било дополнителен бедем против геополитичката нестабилност. И покрај зголемените тензии во Арктикот и заканите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Гренланд, Исланѓаните на референдумот одлучија да не ги обноват преговорите за членство во ЕУ. Според конечните резултати, 52,8 отсто гласале против, додека 47,2 отсто биле „за“, со излезност од 82,5 отсто.
Референдумот беше распишан во време на зголемена геополитичка неизвесност, при што прашањето за иднината на Исланд во Европа повторно доби значење поради заканите на Трамп кон соседниот Гренланд. Поддржувачите на европската интеграција сметаа дека поблиското поврзување со ЕУ може да донесе поголема економска стабилност и дополнителна геополитичка сигурност.
Сепак, противниците на членството успеаја да ги убедат гласачите дека Исланд може да ги заштити своите интереси и надвор од Унијата. Особено силен аргумент беше стравот од губење на контролата врз рибарството, еден од клучните столбови на исландската економија и националниот идентитет.
Премиерката Криструн Фростадотир го призна исходот и порача дека волјата на граѓаните ќе биде почитувана. Таа претходно ја поддржуваше европската интеграција, но по гласањето нагласи дека резултатот мора да се прифати. Исланд, сепак, не е изолиран од Европската Унија. Земјата е дел од Европскиот економски простор и Шенген-зоната, што ѝ овозможува пристап до единствениот европски пазар и слободно движење, без да биде членка на ЕУ.
Резултатот затоа претставува повеќе од обично „НЕ“ на европската интеграција и тој е порака дека за значаен дел од Исланѓаните е најдобро сами да ги решат своите најголеми проблеми, претежно економски, на национално ниво, а не како дел од ЕУ, да имаат националната контрола врз сопствената економија, ресурсите и политичките одлуки, што останува поважно од дополнителните придобивки што би ги донело членството во ЕУ.

