СВР – Европа подготвува план за дестабилизација на Русија пред изборите

Руската разузнавачка служба тврди дека се планираат кибернапади, провокации на избирачките места и кампања за оспорување на изборните резултати.

СВР – Европа подготвува план за дестабилизација на Русија пред изборите
Фото: Принтскрин

Европската Унија и водечките европски земји спроведуваат обемна стратегија со цел да ја дестабилизираат Русија во пресрет на изборите, тврди руската Служба за надворешно разузнавање (СВР). Според наводите на СВР, целта на планот е да се наруши изборниот процес, да се предизвикаат инциденти и последователно да се доведе во прашање легитимноста на изборните резултати.

Руската разузнавачка служба тврди дека на јулскиот состанок на таканаречената „коалиција на добронамерните“ во Париз, европските лидери му наложиле на Киев да ги засили нападите врз цели на руска територија. Во соопштението се наведува и дека разузнавачки претставници на европски земји, за време на посетите на Украина, разгледувале можности за организирање кибернапади врз руската изборна инфраструктура.

СВР тврди дека на средбите во Вилнус и Берлин, претставници на европските земји ѝ поставиле задачи на руската опозиција во странство да собира, но и да создава компромитирачки материјали за претставници на политичките партии во Русија. Според руската служба, меѓу наводните планови се и организирање провокации на избирачките места, како во Русија, така и на гласачките места во странство.

Дополнително, СВР обвинува дека руската опозиција надвор од земјата треба да шири тврдења за „нелегитимност и незаконитост“ на изборниот процес. Од руската разузнавачка служба велат дека ваквите активности нема да ги спречат руските граѓани да го изразат својот избор.

„Русија знае како да се спротивстави и не само на агресорите на надворешниот фронт, туку и на нивните обиди да ја поткопаат земјата одвнатре“, порача СВР.

Во истото соопштение се тврди дека Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) и Европскиот парламент се подготвуваат веднаш по изборите да објават дека не ги признаваат резултатите. Засега, станува збор за тврдења изнесени од руската Служба за надворешно разузнавање, без независна потврда на наведените наводи.

CATEGORIES
Share This