РАМА ПОВТОРНО ЗА БУГАРИТЕ ВО УСТАВОТ Македонија мора да го исполни условот, но Албанија нема да ја блокира

Албанскиот премиер тврди дека неговата изјава била извадена од контекст и дека не сака да ѝ кажува на македонската Влада и на македонскиот народ како да постапат.

РАМА ПОВТОРНО ЗА БУГАРИТЕ ВО УСТАВОТ Македонија мора да го исполни условот, но Албанија нема да ја блокира
Фото: Принтскрин

Албанскиот премиер Еди Рама појасни дека неговите претходни изјави во врска со уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот на Македонија биле извадени од контекст, нагласувајќи дека Албанија никогаш нема да го попречува европскиот пат на нашата држава.

На заедничкиот настан со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, по повод промоцијата на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан, Рама повтори дека Македонија треба да го исполни условот за уставни измени за да продолжи кон членство во Европската Унија, но нагласи дека одлуката е внатрешно прашање на македонската држава.

„Македонската страна со право се сомнева дали ќе постои уште едно вето ако го направи овој чекор да ги додаде Бугарите во Уставот. Но, од друга страна, Македонија мора да го исполни овој услов за да влезе во ЕУ. Ова е моја претпоставка, но исто така јас никогаш, ниту Албанија никогаш нема да го прекине патот на Македонија кон ЕУ“, изјави Рама.

Тој нагласи дека отсекогаш го поддржувал приближувањето на Македонија кон Европската Унија, но дека не би си дозволил да ѝ кажува на македонската Влада или на македонскиот народ какви одлуки треба да донесат. Рама објасни дека неговата изјава била одговор на прашање од бугарски новинар и дека треба да се разгледува во поширокиот контекст, а не преку издвоени делови.

„Тоа се внатрешни прашања на една држава. Ние сме, се разбира, свесни за реалноста, не ја игнорираме реалноста и исто така сме конструктивни и нудиме секогаш решенија за надминување на овој предизвик“, рече албанскиот премиер.

Како пример за градење доверба и унапредување на регионалната соработка, Рама го посочи Коридорот 8, кој ги поврзува Македонија, Албанија и Бугарија. Осврнувајќи се на односите со Мицкоски, Рама рече дека нивното пријателство е обострано и дека двајцата отворено и искрено ги разменуваат своите ставови.

„Јас сум сигурен дека нашите две преубави земји многу скоро, еден ден, ќе седнат на иста маса во Брисел и ќе бидат дел од Европската Унија“, порача Рама.

Од своја страна, премиерот Христијан Мицкоски оцени дека изјавата на неговиот албански колега била извадена од контекст, посочувајќи дека станува збор за внатрешно прашање на македонската држава.

Мицкоски нагласи дека Рама дал пошироко објаснување, но дека во јавноста бил издвоен само дел од неговиот одговор, без да се земе предвид целокупната содржина. Тој се согласи дека довербата меѓу државите се гради преку конкретни проекти и соработка, а како пример повторно го посочи Коридорот 8.

„Денешниот настан е токму во таа насока, да работиме на проекти кои што нè зближуваат и да останеме во рамките на она што претставува внатрешно прашање на нашите држави“, изјави Мицкоски.

Македонскиот премиер изрази уверување дека Македонија и Албанија во иднина ќе станат членки на Европската Унија.

РАМА ГО СМЕНИ СТАВОТ ЗА БУГАРИЈА Сега смета дека Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав

CATEGORIES
Share This