НОВИ ПРАВИЛА ЗА ГРАДЕЖНИЦИТЕ Нема дозвола за зграда без станови 20% поевтини за младите

За младите кои ќе градат куќа се најавува ослободување од комуналии, а студентите ќе добијат најмалку 20 проценти поголеми услуги преку апликацијата М-услуги.

НОВИ ПРАВИЛА ЗА ГРАДЕЖНИЦИТЕ Нема дозвола за зграда без станови 20% поевтини за младите
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, на конференцијата на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, најави три нови мерки насочени кон подобрување на животниот стандард на младите, со посебен акцент на решавањето на станбеното прашање и поддршката на студентите.

Станува збор за три проекти кои, според најавите на Мицкоски, наскоро ќе бидат регулирани со законски решенија и ќе опфатат поевтини станови за млади брачни двојки, ослободување од комуналии при изградба на семејна куќа и дополнителни студентски услуги преку дигиталната апликација М-услуги.

Првата мерка предвидува секоја градежна компанија што ќе побара дозвола за изградба на станбен објект да мора да издвои најмалку 10 проценти од станбената површина за млади брачни двојки до 35 години. Овие станови ќе се продаваат по цена најмалку 20 проценти пониска од пазарната, без разлика во кој град или на која локација во Македонија се градат.

„Ниту една градежна компанија што има намера да гради станбени единици, згради, без разлика во кој град и без разлика на кое место во Македонија, не може да добие дозвола за градба ако не оддели минимум 10 проценти станбена површина за брачни парови до 35 години, по цена која што ќе биде најмалку 20 проценти пониска од пазарната цена“ најави Мицкоски.

Тој порача дека со законското решение ќе се воведе поинаков пристап кон урбаното планирање и домувањето, нагласувајќи дека нема да има дозволи за ново градење без исполнување на оваа обврска. Според премиерот, наместо субвенционирање на еден или два процента од каматните стапки, младите ќе добијат можност да купат стан по најмалку 20 проценти пониска цена од пазарната.

Втората мерка предвидува целосно ослободување од плаќање комуналии за брачни двојки до 35 години кои ќе одлучат да градат сопствена куќа. Мицкоски најави дека и оваа мерка ќе биде регулирана со закон, а ќе важи на целата територија на Македонија.

„За куќа, за брачен пар до 35 години општините нема да наплаќаат комуналии. На цела територија на Македонија. Нула комуналии за сите брачни парови до 35 години што ќе се одлучат да градат куќа, свој дом“ истакна премиерот.

Тој посочи дека целта е младите семејства да добијат конкретна финансиска поддршка при решавањето на станбеното прашање и создавањето сопствен дом.

Третата мерка се однесува на студентите и младите, а предвидува најмалку 20 проценти поголеми услуги преку нова апликација во рамките на концептот М-услуги. Мицкоски објасни дека Владата, заедно со Генералниот секретаријат и министерствата за образование, финансии и дигитална трансформација, работи на развој на дигитално решение кое ќе им овозможи на студентите повеќе поволности, а не само усогласување на студентскиот оброк со инфлацијата и зголемувањето на трошоците за живот.

„Секој студент да не добие усогласување со она што се вели инфлација, трошоци за живот, зголемување на оброкот, туку да добие најмалку 20 проценти поголеми услуги, не за топлиот оброк, туку за многу други услуги што ќе ги има користејќи ја апликацијата М-услуги“ изјави Мицкоски.

Тој додаде дека студентите ќе можат да користат дополнителни услуги и откако ќе го потрошат предвидениот месечен буџет за одредена услуга, односно поволностите преку апликацијата ќе им бидат достапни до почетокот на следниот месец. Премиерот оцени дека станува збор за решение кое, според него, претставува дополнителна поволност за студентите во Македонија.

На крајот, Мицкоски ги сумираше трите најавени проекти: станови со најмалку 20 проценти попуст за млади брачни двојки, нула комуналии за оние што ќе градат сопствена куќа и најмалку 20 проценти повеќе услуги за студентите преку апликацијата М-услуги. Тој порача дека со овие мерки Владата сака да одговори на едни од најважните прашања за младите – егзистенцијата, домувањето и подобрувањето на студентскиот стандард.

CATEGORIES
TAGS
Share This