РАКОМЕТНИ СПЕКТАКЛИ – Денешниот ден носи реванши од светски и европски првенства

Историјата и актуелната форма најавуваат жестока битка за бодови во Групата I

РАКОМЕТНИ СПЕКТАКЛИ – Денешниот ден носи реванши од светски и европски првенства
Фото: Принтскрин

Групата I од главната рунда на ЕХФ ЕУРО 2026 влегува во својата втора фаза со исклучително изедначена ситуација и неколку вистински ракометни дербија на денешната програма (сабота).

Германија се наоѓа на врвот на табелата со максимални четири бода, додека Франција, Данска, Португалија и Норвешка имаат по два. Шпанија е последна со нула бодови и е под силен притисок пред продолжението на турнирот.

Саботната програма носи и низа „реванши“ од големите натпреварувања во последните години. Франција и Португалија ќе го обноват дуелот од мечот за бронза на Светското првенство 2025 во Осло, Данска и Шпанија повторно ќе се судрат по полуфиналните битки на ЕП 2022 и СП 2023, додека Германија и Норвешка имаат богата историја на пресметки во завршниците на големите турнири.

Германија има најповолна позиција и реална можност да направи уште еден крупен чекор кон пласман на завршниот викенд, пред дуелите со Данска и Франција.

Во 15:30 часот е натпреварот Феанција и Португалија. Во досегашните меѓусебни дуели Франција има десет победи и три порази и без нерешен резултат. Франција во главната рунда стартуваше со пораз од Данска (29:32), додека Португалија загуби од Германија со 30:32. И покрај поразот, Франциско Кошта блесна со 10 гола и моментално е најдобар стрелец на првенството со вкупно 39 погодоци.

Последниот меѓусебен дуел на овие селекции беше токму на Светското првенство 2025, кога Франција по продолженија ја совлада Португалија со 35:34 во борбата за бронзениот медал.

Во 18:00 часот е мечот Шпанија и Данска. Во меѓусебните дуели Данска има 19 победи, осум порази и 1 нерешена средба. Шпанија ја продолжи серијата лоши резултати со минимален пораз од Норвешка (34:35), што беше втор последователен неуспех за „фуријата“. Данска, пак, со одличен финиш и 11 одбрани на голманот Емил Нилсен, како и серија голови на Емил Јакобсен, ја совлада Франција со 32:29 и ги впиша првите бодови во главната рунда. Шпанија нема многу успеси против Данска во последната деценија, но сепак ќе се потпре на победата во полуфиналето на ЕП 2022 во Будимпешта (29:25), по која го освои сребрениот медал, додека Данците завршија со бронза.

Натпреварот Германија Норвешка е во 20:30 часот. Во меѓусебните дуели Германија има седум победи, 5 порази и две нерешени средби. Германија продолжува со сигурни настапи и по победите над Шпанија и Португалија (34:32), е единствената селекција со максимален учинок во групата. Голманот Андреас Волф повторно одигра клучна улога во триумфот. Норвешка, исто така, ја совлада Шпанија со 35:34, а херој на натпреварот беше левото крило Педерсен со 11 погодоци. Историјата памети драматични дуели меѓу овие две селекции од полуфиналето на ЕП 2016, кога Германија победи со 34:33 по продолженија и подоцна ја освои титулата, до полуфиналето на СП 2019 во Хамбург, каде Норвешка славеше со 31:25 и избори финале.

CATEGORIES
Share This