РАФИЊА ЖЕСТОКО ЗА ЗЛАТНАТА ТОПКА Неправда е што јас и Педри не сме номинирани

Рафиња откри и дека по Копа Америка сериозно размислувал за заминување од Барселона. Сепак, пристигнувањето на Ханси Флик ја променило ситуацијата.

РАФИЊА ЖЕСТОКО ЗА ЗЛАТНАТА ТОПКА Неправда е што јас и Педри не сме номинирани
Фото: Принтскрин

Капитенот на Барселона, Рафиња, отворено проговори за изборот на номинираните за „Златната топка“, оценувајќи дека е неправедно што неговото име, како и она на Педри, не се најде меѓу 30-те кандидати за престижната награда.

Во интервју за шпанскиот RAC1, бразилскиот фудбалер зборуваше и за својата иднина на „Камп Ноу“, тренерот Ханси Флик, Ламине Јамал и одлуката поради која во еден момент сериозно размислувал да го напушти клубот.

Рафиња смета дека неговите настапи и оние на Педри биле доволни за место во конкуренцијата за „Златната топка“.

„Искрено, мислам дека е неправедно што ниту јас ниту Педри не сме меѓу кандидатите. Не велам дека моравме да ја освоиме наградата, но верувам дека заслуживме да бидеме во конкуренцијата“, изјави Рафиња.

Иако признава дека почувствувал разочарување, капитенот на Барселона вели дека тоа дополнително го мотивирало.

„Не можам да ги контролирам таквите одлуки. Можам само да продолжам да играм најдобро што знам и на теренот да покажам колку вредам.“

Рафиња без дилема: „Ламине мора да ја освои“

И покрај тоа што смета дека самиот бил неправедно изоставен, Рафиња нема дилема околу својот фаворит за најпрестижната индивидуална награда.

„Ламине мора да ја освои оваа награда. Нема друга опција. Со сета почит кон останатите кандидати, тој е играчот кој покажа најмногу и заслужува признание.“

За Јамал имаше само пофални зборови, споредувајќи го неговиот стил на игра со еден од најголемите мајстори во историјата на Барселона.

„Тој прави работи кои се неверојатни. Кога го гледате, ве потсетува на чувството што го носеше Роналдињо, станувате од столот и уживате во фудбалот.“

За малку ќе си заминел од Барселона

Рафиња откри и дека по Копа Америка сериозно размислувал за заминување од Барселона. Сепак, пристигнувањето на Ханси Флик ја променило ситуацијата.

„Не бев сигурен дека останувам. Имав разговори со клубот и размислував за заминување, но Флик ме убеди дека ќе ми даде важна улога.“

Бразилецот вели дека германскиот тренер успеал да го извлече максимумот од неговите квалитети.

„Ми даде самодоверба од првиот ден. Ми ја смени позицијата на теренот, ми даде поголема слобода и чувствувам дека го играм најдобриот фудбал во кариерата.“

Рафиња сега е целосно фокусиран на Барселона и сака да продолжи да ја гради својата приказна во каталонскиот клуб.

CATEGORIES
Share This