ПРОМЕНА ВО СПОРТСКИОТ ЦЕНТАР „Борис Трајковски“ доби ново име – вака ќе се вика големата арена

Големата спортска сала официјално станува „Т Арена“, а новиот изглед во магента боја носи и големи најави за идни спортски, музички и забавни настани.

ПРОМЕНА ВО СПОРТСКИОТ ЦЕНТАР „Борис Трајковски“ доби ново име – вака ќе се вика големата арена
Фото: Принтскрин

Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и Македонски Телеком склучија партнерска соработка, со која големата спортска сала официјално го доби името „Т Арена“. Со новото партнерство, спортскиот комплекс добива и целосно освежен визуелен идентитет во препознатливата магента боја на брендот „Т“, со што се означува нова етапа во функционирањето на еден од најзначајните спортски и настански центри во земјава.

Директорот на СЦ „Борис Трајковски“, Данијел Апостолоски, оцени дека соработката ќе придонесе за подобрување на условите и понатамошен развој на спортскиот центар.

„Ова е значаен момент и за СЦ „Борис Трајковски“ и за Македонски Телеком, кој повторно станува дел од Арената. Покрај новиот визуелен изглед, партнерството ќе овозможи унапредување на условите за функционирање на Т Арена. Верувам дека станува збор за долгорочна соработка која ќе донесе позитивни резултати и ќе помогне во организирањето на нови спортски, културни и забавни настани“, изјави Апостолоски.

Главниот извршен директор на Македонски Телеком, Горан Марковиќ, посочи дека компанијата веќе 25 години ги поврзува граѓаните и дека преку партнерството со арената сака да придонесе со дополнителна вредност за заедницата.

„Чест ни е што отворањето на Т Арена ќе биде одбележано со голем настан на 2 септември, кој ќе биде дел од прославата по повод 35 години од независноста на Македонија. Веруваме дека оваа арена ќе биде место каде што ќе ги славиме успесите на македонските спортисти, ќе организираме врвни музички настани и ќе создадеме нови можности за дружење и забава“, изјави Марковиќ.

Во рамки на СЦ „Борис Трајковски“ функционираат и мала спортска сала, лизгалиште, базен и аква парк. Според најавите на Апостолоски, аква паркот се очекува повторно да биде отворен следната година. Базенот, пак, во моментов не работи поради оштетувања на кровната конструкција, предизвикани од силното невреме што минатата недела го зафати Скопје.

CATEGORIES
Share This